Најстарата биолошка установа во Македонија - Природонаучниот музеј годинава одбележува 100 години – директорот Заркадов откри детали од јубилејната програма

Природонаучниот музеј на Македонија е национален музеј кој го собира, чува, проучува, депонира и изложува природното богатство на државата. Во постојаната изложба на музејот можат да се најдат минерали и карпи, фосили, растенија, безрбетници, инсекти, риби, водоземци и влекачи, птици, цицачи итн. Воедно Природонаучниот музеј е и најстарата биолошка установа во земјата.

Во интервју за Скопје Инфо, директорот на музејот, Ивица Заркадов откри дека Природонаучниот музеј денес располага со исклучително богат музејски фонд од повеќе од 360.000 примероци од областа на геологијата, палеонтологијата, ботаниката, зоологијата и ентомологијата, од кои во постојаните поставки се изложени 4.000 примероци.

Тој посочи дека посебно вредни биле палеонтолошките колекции со фосили од праисториски животни пронајдени на територијата на Македонија, како и богатите ентомолошки и орнитолошки збирки.

„Голема вредност имаат и ендемските видови од Охридското и Преспанското Езеро, кои претставуваат вистинско природно богатство не само за Македонија, туку и за светската наука“, забележа Заркадов.

Во однос на важноста на музејот, таа во континуитет е бесценета. Но, неговата улога со текот на годините се менувала. Во почетоците, како што вели директорот, музејот главно бил насочен кон собирање, обработка и научно проучување на природонаучниот материјал од Македонија. Сепак со текот на времето неговата улога значително се проширила.

„Денес музејот не е само место каде што се чуваат експонати, туку современ едукативен и научен центар кој активно работи на едукација на младите, организира изложби, меѓународни соработки, научни истражувања и проекти за заштита на природата. Особено последниве години се стремиме музејот да стане уште подинамичен и интерактивен простор, близок до сите генерации посетители“, истакна Заркадов.

Тој посочи дека научните тимови на Природонаучниот музеј со години работат на теренски истражувања, документирање и научна обработка на флората и фауната, и во таа насока, музејот го окарактеризира како „централна институција каде што се чуваат научни податоци и примероци од огромно значење за идните генерации и за заштитата на природното наследство“.

Во однос на интересот на посетителите, директорот на музејот вели дека тие најголем интерес покажувале за палеонтолошката поставка со фосили од мастодонти, праисториски носорози и други животни кои живееле на овие простори пред милиони години. Исто така особено внимание привлекувале и диорамите со автентични претстави на македонските екосистеми, како и колекциите со пеперутки, птици и ретки минерали.

Заркадов сподели дека забележал позитивен тренд во однос на интересот кај младите.

„Морам да кажам дека интересот кај младите повторно расте, особено кога науката се презентира на модерен и интерактивен начин. Ние активно соработуваме со основни и средни училишта, универзитети, научни институции и истражувачки центри. Организираме едукативни работилници, тематски изложби, предавања и практична настава за ученици и студенти“, истакна Заркадов и притоа порача дека нивната цел била музејот да биде место каде што младите не само што ќе учат, туку и ќе ја засакаат науката и природата.

Оваа година е посебна за Природонаучниот музеј, бидејќи годинава ќе бидат одбележани 100 години на негово постоење - што го прави една од ретките институции во државата со таков континуитет. Основан во 1926 година, музејот е една од најстарите биолошки и научни институции во државата и низ децениите одиграл клучна улога во истражувањето, заштитата и презентацијата на природното богатство на Македонија.

Заркадов потенцираше дека овие 100 години не биле само бројка, туку сведоштво за генерации научници, кустоси, препаратори и истражувачи кои оставиле траен белег во развојот на природните науки и музејската дејност кај нас.

„Јубилејот е можност да се потсетиме на богатото наследство, но и да погледнеме кон иднината со нови идеи, модерни технологии и уште поголема отвореност кон јавноста“, посочи тој.

Откри и дека веќе подготвиле богата програма со повеќе изложби, научни и едукативни настани, меѓународни соработки и активности посветени на заштитата на природата.

„Централниот настан ќе биде свечената академија на 26 октомври 2026 година во Македонскиот народен театар, со присуство на бројни гости од земјата и странство. Работиме и на реализација на еден современ интерактивен простор – „Magic Room“, кој преку 360 степени проекции и современи аудиовизуелни ефекти ќе им овозможи на посетителите едно сосема ново музејско доживување. Воедно, во тек се и повеќе меѓународни проекти и преговори за атрактивни изложби, меѓу кои и „Диносаурусите од Аргентина“, која планираме да ја донесеме во Скопје во 2027 година. Нашата цел е јубилејот да биде почеток на една нова, модерна ера за Природонаучниот музеј на Македонија“, открива Заркадов.

Но кога се е во прашање секојдневното функционирање и условите за работа и Природонаучниот музеј, како и многу институции од ваков тип, се соочуваат со предизвици поврзани со модернизацијата на инфраструктурата, условите за чување на музејскиот материјал и потребата од дигитализација.

Сепак директорот на музејот истакна дека токму по повод 100-годишниот јубилеј започнале процес на значајна модернизација и дека планираат нов современ влезен дел, интерактивни поставки, дигитализација на музејските збирки, виртуелни тури и нова веб-страница по примерот на светските музеи.

„Нашата цел е музејот да стане уште подостапен и поинтересен за домашната и меѓународната публика“, порача Заркадов.