Најслаткиот гостин на „Браќа Манаки“ не дојде по награда, туку по малку внимание

Меѓу актерите, режисерите, кинематограферите и филмските работници кои годинава прошетаа по црвениот тепих на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, се најде и еден гостин кој очигледно не се грижеше премногу за фестивалската конкуренција.

фото: Фејсбук

Слатко, весело куче се појави меѓу гостите и за кратко го украде вниманието пред камерите. Без скапа облека по мерка, без свечен говор и без награда „Камера 300“, сепак успеа да стане еден од најслатките моменти од фестивалските денови.

А фестивалот годинава повторно собра големи имиња од светската кинематографија. Во Битола пристигнаа Дан Лаустсен, Џеф Кроненвет, Јануш Камински, Воли Фистер, Семих Капланоглу, Тимо Салминен и бројни други филмски автори и професионалци. На фестивалот беа најавени 84 филмови и околу 1.000 автори, филмски професионалци и гости од целиот свет. 

На отворањето, данскиот кинематографер Дан Лаустсен ја доби „Златна камера 300“ за животно дело, додека Џеф Кроненвет беше награден со Специјална „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Македонскиот актер Петар Арсовски ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. 

Седумдневниот фестивал, од 19 до 25 септември, ја претвори Битола во место каде што се среќаваат светската и македонската кинематографија, а црвениот тепих повторно беше сцена за познати гости, филмски автори и љубопитни минувачи.