„Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни Бог“ - Најпознатите реплики на Горан Стефановски

Горан Стефановски секогаш претставувањето и предавањата ги започнувал со оваа реченица: My name is Goran Stefanovski (Моето име е Горан Стефановски).

Култниот уметник Стефановски е роден битолчанец, но студирал и работел во Скопје.  Автор е на детската серија „Бушава азбука“, серија со која пораснаа многу генерации. 

Тој е творецот на драмите „Диво месо“ или „Лет во место“, „Дупло дно“, „Демонот од Дебар маало“, „Тетовирани души“, „Хај-фај“...

Во продолжение пет култни и длабоко емотивни и суптински реплики од творештвото на Горан Стефановски кои совршено се вклопуваат во ова време - „невреме“: 

-„Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ – „Диво месо“ 

-„Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно.“ – „Жив човек“ 

-„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ – „Тетовирани души“ 

-„Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни Бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака… со првиот ветер како муви без глава… мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас! Воздивнувате по Германија, а таткото што ги изгубил нозете да направи куќа е помија кој не знае два и два. И им пречи на Европјаните да прават кариера! Не знаете да се чувате… живеете на вересија…. ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини… Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“ – „Диво месо“