Најновиот филм со Антонио Бандерас и Пенелопе Круз на „Скопје филм фестивал“

Програмата на 25. издание на Скопје филм фестивал продолжува со филмовите „Официјална конкуренција“ и „Соколово езеро“.

Проекциите се одржуваат во Кинотека со почеток од 20:22 часот. Двата филма се дел од Програмата на светски филм.

„Официјална конкуренција“ е шпанско – аргентинска продукција од 2021 година. Станува збор за сатиричната комедија на аргентинските режисери Гастон Дупрат и Мариано Кон и е приказ на креирање филм, брилијантно одигран од Антонио Бандерас и Пенелопе Круз.

„Соколово езеро“ (2022), дебитантскиот долгометражен филм на Шарлот ле Бон, е чувствителна приказна за созревањето. Филмот е дело што постојано ги поткопува и превртува очекувањата од овој жанр на филм, со траги на натприродно, а сепак вешто ја контролира границата меѓу слаткото и страшното.

Освен филмовите, публиката на Скопје филм фестивал во галеријата на Кинотеката ќе има можност да погледне изложбата на плакати од изминативе 25 години на фестивалот, чии автори се истакнати македонски уметници како Ване Костуранов (2013), Зоран Кардула (2020), Ѓорѓи Деспотов (2018), Таби Азири (2014, 2016), Мери Бакалова (2015), Бојан Кртолица (2012), Димитар Апостолов (2011), Јана Мишева (2009), Филип Кондовски (1999) и други.