Најнова анализа на ИЈЗ: За една недела од корона починале 70 лица од Скопје

Институтот за јавно здравје ја објави неделната анализа за периодот 13. до 19 септември годинава. Според анализата од почетокот на коронакризата во земјава, едно лице по третпат се заразило од ковид-19, а вкупно се регистрирани 522 реинфекции.

Од пријавените случаи на реинфекција, пет починале.

До 19. септември пријавени се 187.068 случаи на ковид-19, од кои оздравеле 167.810, починале 6.472, а активни се 12.786 болни. 

Пријавени се 154 смртни случаи во 29 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (70), Куманово (12), Струмица (8) и Тетово (8). Најголем број (123; 79,9%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (979, 29,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (143; 4,3%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9 каде што има зголемување за 50,5% и кај возрасната група од 10-19 каде што има зголемување за 8,2%.

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.595 (47,8%) лица од машки и 1.745 (52,2%) од женски пол.

По добиени 2 негативни теста, со статус оздравени се стекнале 3.441 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, намалување од 12,8% во споредба со минатата недела.

Во текот на мината недела вкупно се пријавени 23 реинфекции, намалување од 25,8% во однос на минатата недела. 

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 852 лица, а од нив 596 се на кислородна поддршка и 56 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.