Најмногу заболени од сезонски грип има во Дебар и Охрид

За една недела, или поточно од 25 до 31 октомври годинава, во земјава пријавени се 73 случаи на заболени од грип/ заболувања слични на грип, информираат од Институтот за јавно здравје. 

Заболените лица се регистрирани во Дебар – 32, Охрид – 16, Гостивар – 9, Скопје – 8, Тетово – 5 и Кавадарци – 3.

Во однос на возрасната група од 0-4 години и од 15-64 години регистрирани се по 26 лица, 12 лица се пријавени од 5-14 години и 9 лица од возрасната група над 65 години.

Кумулативно, од почетокот на сезоната, пријавени се 102 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Од нив, 33 се од Дебар, 30 од Охрид, 23 од Гостивар, 8 од Скопје, 5 од Тетово и три од Кавадарци.

Според возрасната дистрибуција, најголем дел од пријавените (47) се на возраст од 15-64 години.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака за целото население, особено за лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.