Најмногу снег на Попова Шапка - 40 сантиметри

Највисока снежна покривка од 40 сантиметри утрово има на Попова Шапка, во Лазарополе 23 и во Маврово 13 сантиметри, информира УХМР.

Температурите секаде се над нулата, освен во Лазарополе каде што е измерено минус еден степен. Во Скопје е пет степени над нулата, во Охрид шест, Битола седум, а најтопло е во Штип со осум степени.

Во текот на ноќта беше облачно, во северозападните делови со врнежи од дожд, на планините од снег. Утрово врнежите се проширени во западните и северните делови од земјава. На повеќе места се уште дува главно умерен ветер од јужен правец. Во Скопската Котлина правецот на ветерот се смени во северен.

И во текот на денов ќе биде облачно со повремени врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а попладне ќе преминат во снег и на повеќето пониски места, но главно ќе слабеат по интензитет. Попладне и кон крајот на денот ќе дува силен северен ветер, што ќе услови нагло опаѓање на температурата. На повисоките места ќе се формира снежна покривка, а на планините дополнително ќе се зголеми, но поради засилениот ветер ќе има услови за појава на снежни наноси. Во западните делови ќе се формира мала снежна покривка и на пониските места.

Температурата во текот на денот ќе се намалува, па мaксималните вредности на повеќето места ќе бидат оние измерени утрово, во интервал од 4 до 10 степени.

Во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд, кои попладне ќе преминат во снег, но ќе ослабат. Ќе дува силен северен ветер. Максималната температура ќе биде околу 5 степени, а преку денот ќе се намалува.