Најмладите од Ново Лисиче ќе добијат ново детско игралиште

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески утрово сподели дека во паркот покрај булеварот „Февруарски поход", започнала изградбата на ново современо детско игралиште, кое ќе биде едно од вкупно десетте нови детски игралишта што ќе бидат изградени низ општината.

„Проектот е дел од нашата заложба секое маало да добие безбеден и квалитетно уреден простор каде што децата ќе растат, ќе се дружат и ќе играат“, истакна Митески.

Тој посочи дека новото игралиште ќе биде опремено со современи и безбедни реквизити, соодветна подлога од вештачка трева и уреден простор што ќе им овозможи безгрижна игра на најмладите и пријатно место за престој на целото семејство.

„За прв пат на оваа локација ставаме во функција и систем за наводнување. Продолжуваме со инвестиции што го подобруваат квалитетот на живот во секоја населба, затоа што секое дете заслужува безбедно и убаво место за игра“, порача градоначалникот.