Најлесно е да се налутиш и да си отидеш... Но, што потоа?

Најлесно е да замериш некому. Да се налутиш и да тврдиш дека си во право. Најлесно е да ги прекрстиш рацете и да кажеш дека нема да попуштиш. Да го ставиш егото над сѐ и да се свртиш и да си заминеш. Да, тој момент е најлесен. Но, што потоа?

Полесно е да си заминеш отколку да останеш и да се потрудиш. Полесно е да продолжиш понтаму и да свртиш нов лист. Полесно е отколку да се смириш, можеби и да се извиниш и да го избереш она нешто што сѐ уште ти е важно во тоа животно поглавје. Лесно е да ја треснеш вратата, отколку да ја оставиш отворена и покрај бурата и ветерот. Полесно е да побегнеш, отколку да се бориш. Но, повторно, само тој момент е лесен. Што потоа?

Што кога ќе се оладиш? Кога ќе останеш сам со себе во тивките ноќи... Кога емоциите ќе се смират и егото ќе се спласне... Што кога ќе размислиш и ќе видиш нешто што можеби порано не си го видел? И дека можеби си во право, но не чувствуваш мир и хармонија. Ниту во себе, ниту во однос на некој друг. Што кога ќе го чуеш шепотот на душата која те турка да преземеш нешто и да го направиш првиот чекор? Па потоа егото се буди и почнува да се бунтува. Што тогаш? 

Навистина, можеш да бидеш во право и со години да бидеш оддалечен од другата страна. И тврдо да се држиш до своето. Но, каде е тука љубовта? Мирот? Топлината? Рамнотежата? Неописливото чувство кога ќе заспиеш со насмевка? Каде е тоа? Може да пројдат години и да пропуштиш прекрасни спомени кои не си ги ни создал. Затоа што си бил во право. И сам. И затоа што можеби си се плашел дека повторно ќе бидеш повреден. Или којзнае што друго...

Милион причини, оправдувања. А никаде мир. Ни трошка. Па затоа прашувам: Дали вреди? Затоа што свесноста за овој живот ја имаш тука и сега. Кога ќе пројде, готово е. Барем за овој живот, кој е само еден миг во вечноста. Затоа проживеј го животот.

Јави се!
Прости!
Обиди се!
Извини се!
Заборави!
Прегрни!
Насмеј се!
Сакај!
Танцувај!
Пеј!

Живеј со спознанието дека живееш лесно, неоптоварено со стари болки. И мирно. Што и да значи тоа за тебе. Отфрли го тој товар и продолжи понатаму! Затоа што ако не се обидеш и не го направиш првиот чекор, никогаш не би дознал дали би можел да спасиш нешто и да го промениш текот на настаните. А кога само би знаел дека љубовта може да победи сѐ. И да го стопи и најдебелиот лед околу срцето. И да го излечи срцето. 

Затоа, дај сѐ од себе. Па дури и ако не успее, значи дека така требало да биде. И дека за тебе така е најдобро. Па така барем во мир ќе можеш да продолжиш понатаму. 

А верувај, тоа е најважно!