Најголемите скопски помодарки за шопинг оделе до Трст и Солун

Кога ќе помислиме малку на Скопје во седумдеситте и осумдесеттите ќе се сетиме на добар шопинг во тогашните стоковни куќи. Најголемите помодарки кои не можеле да си најдат облека во Скопје патувале до Трст и Солун. Главните места за купување во нашата метропола во тоа време биле лоцирани во строгиот центар. Имало три престижни стоковни куќи.

Беко

БЕКО - белградска фирма (името е кратенка од нејзиниот полн назив, „Београдска конфекција“) со одлична репутација на пазарот, стекната со квалитетот и изборот на производите што ги пласираше во својата трговска мрежа.Во подрумот биле изложени производи за домаќинството, па таму можело да се купи се за домот, вклучувајќи „бела техника“, ТВ и аудио опрема, кујнски предмети… Имало неколку оддели, меѓу нив одделот за деца,  долен веш, козметика и оддел за рачна работа, во кој имало голема понуда на „волница“ за плетење, конец за вез, гоблени и хеклање.

Во тоа време ниту една друга продавница во Скопје не работела во недела. Работното време во трговијата завршувала во сабота, најдоцна во 13 или 14 часот.

Центротекстил

Центротекстил - повторно белградска фирма (денес во сопственост на Zepter групацијата), која имала отворено свои продажни места во неколку главни градови на тогашните југословенски републики. Скопскиот Центротекстил била сместен во тукушто изградениот, за тоа време авангарден, прекрасен Градски трговски центар (дело на арх. Живко Поповски од Архитектонскиот факултет). Под брендот Центротекстил, во Скопје можело да се купат одлични чевли во специјализираната продавница што се наоѓале на денешната улица Македонија.

Стоковната куќа „Скопје“

Најважна и најпопуларна меѓу нив била Стоковната куќа „Скопје“ (поранешна НАМА, а денес позната како City Gallery), сместена на градскиот плоштад. Во жаргонот на скопјани била позната едноставно како „Стоковна“. Кој тргнал да пазари, секогаш прво одел таму. Оваа стоковна куќа била една од триесеттината слични куќи што скопското трговско претпријатие „Меркур импорт“ ги имало низ Македонија.

Уште четири стоковни куќи беа лоцирани близу до центарот на градот, но на левиот брег на Вардар: „Илинден“, која концепциски и според дизајнот беше најслична на главната „Стоковна“, па „26 јули“, сместена на главната улица пред Бит пазар, „8 март“, на влезот во Старата чаршија од кај „Илинден“, и „Мост“, сместена на влезот во чаршијата од кај Даут Пашин Амам.