Велигден не е само празник што го обележуваме еднаш годишно со шарени јајца, маса полна со вкусни јадења и дружење со најблиските.
Photo by Leeloo The First
Тој е симбол на нов почеток, на воскресение, не само телесно, туку и духовно. Велигден не нè повикува само на радост, туку и на преиспитување. А најголемата лекција која ни ја носи е токму тоа – дека секој ден имаме шанса да почнеме одново.
Во време кога секојдневието ни е исполнето со брзање, очекувања, грешки и понекогаш болка, многу е лесно да се изгубиме во заморот и да заборавиме дека простувањето на себе и на другите, е најголемата форма на слобода. Велигден нè учи дека и после најтемниот момент доаѓа светлина. Дека и кога мислиме дека нешто е крај, можеби е само пресвртница.
Оваа порака не треба да ја чуваме само за празниците. Замисли како би изгледал еден ден ако секое утро се разбудиме со намера да бидеме подобри, да се обидеме повторно, да простиме и да се обидеме да гледаме со очи полни со надеж, наместо со сомнеж. Да си дадеме дозвола за промена – без вина, без страв.
Можеби најтешката, но најубавата велигденска лекција е дека љубовта е посилна од сè. Поголема од гордоста, поблага од осудата, посветла од секој мрак низ кој минуваме. Ако се обидеме секој ден да живееме со таа љубов – кон себе, кон другите, кон светот, тогаш не живееме само за себе, туку и за нешто поголемо.
Не ни требаат празници за да бидеме подобри луѓе. Велигден нè потсетува дека секој ден може да биде нов почеток. Не мора да чекаме понеделник, не мора да чекаме одобрение. Секој ден ни е подарен, како можност да се вратиме кон она што сме во суштина: луѓе способни за љубов, промена, за надеж, за добрина.