Најголемата грешка што ја правите кога варите тестенини

Гладни сте, не ви се чека многу, сакате да зготвите нешто на брзина. Најдобро решение? Тестенини.

Сварете вода, ставете ги тестенините, исцедете, додадете сос од тегла и готово, имате јадење. Има само еден проблем: иако ова е едно од најбрзите јадења што речиси секој може да го направи, на повеќето луѓе не им се чека да зовријат тестенините. Ако си мислите дека ќе заштедите неколку минути со тоа што ќе употребите помало тенџере во кое водата побрзо ќе зоврие, се лажете.

Можеби ви звучи логично да земете помало тенџере, што значи помалку вода што ќе зоврие побрзо. Но, готвачите велат дека оваа навидум мала грешка ќе направи огромна разлика во вкусот на вашето јадење.

Прво, најверојатно нема да ви ја собере предвидената количина тестенини, а соодносот вода-тестенини е многу важен. Ако ставите премногу тестенини во зовриената вода, ќе опадне температурата на водата, што значи дека ќе треба повеќе време да се постигне повторно точка на вриење.

Колку повеќе стојат тестенините во млака вода, стануваат „лигави“ и почнуваат да се лепат. Ставете 4/5 вода од капацитетот на тенџерето. Додадете сол, но не и масло (сосот подобро се лепи на тестенините ако не ставите масло во водата). Чекајте водата да зоврие и потоа додадете ги тестенините. Соодносот на вода и тестенини треба да биде 3:1, најмногу 2:1 и не заборавајте да мешате, особено во првите 2 минути.

Исто така, откако ќе се сварат, не ги полевајте тестенините со ладна вода бидејќи нема да го впијат сосот што ќе го додадете подоцна.

Со малку повеќе трпение, можете да станете мајстор за тестенини!