Најдоброто од „Киненова“ од утре до сабота во Кинотека

   

Од 21 до 24 јануари во Кинотека на Македонија ќе бидат прикажани избрани содржини од фестивалот „Киненова“, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики.

Станува збор за филмови кои биле наградени на Киненова како: „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, „ПАНОПТИКОН“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе и многу други наслови.

Под мотото „Најдоброто од Киненова“ љубителите на филмската уметност ќе можат да погледнат филмови што со ангажиран и аналитичен пристап  отвораат културни и општествени прашања.

Во ова зимско издание на „Киненова“ ќе може да се погледнат и филмовите „Таква каква што сум“ на Даг Јохан Хаугеруд, кој годинава беше гостин на Фестивалот и „Татко“ на Срдан Голубовиќ, кој бече член на жирито на годинешното јубилејно издание на МФФ Киненова.

На 23 јануари публиката ќе може да го погледне потресниот филм „Татко“ на Срдан Голубовиќ, како и документарното остварување „Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“, кое се навраќа на легендарната кошаркарска репрезентација и моментите кога спортот и историјата драматично се судриле.

Завршницата, на 24 јануари, ги носи филмовите „Среќен“ на Сандеп Кумар – интимна мигрантска приказна за татковство и опстанок – и „Паноптикон“, наградуван филм што преку приказна за млад човек во постсоветска Грузија ги истражува идентитетот, верата и репресијата.

Со оваа програма, Кинотеката и Киненова нудат концентриран преглед на најзначајните филмски гласови од фестивалот – филмови што не се само уметнички релевантни, туку и длабоко вклучени во реалноста што ја живееме.