
Најдобро и најевтино ќе биде новиот клинички центар да се направи близу ГОБ 8 Септември, информираше денеска министерот за здравство Азир Алиу, кој имаше брифинг, а потоа даде и изјава за медиумите, по повод една година откако е на министерската функција.
Но, тој смета дека не е грешка да се инвестира и во местото каде што сега се наоѓа Клиничкиот центар Мајка Тереза, со оглед на тоа што дури и веднаш да почне да се прави, ќе бидат потребни најмалку четири години за новиот клинички да биде завршен. Министерот подвлече дека тој временски период не е мал и додаде дека таму каде што сега се вложува, нема да се руши просторот, па, оценува дека не е грешка да се инвестира.
– Не е трошење пари за џабе – подвлече тој.
На новинарско прашање, Алиу одговори дека во Министерството за здравство, како и на Инфективна клиника, ТОАРИЛУЦ, Трансфузиологија, веќе делумно функционира фингерпринтот – односно идентификација со отпечаток од прст на вработените во овие установи. Се работело тоа да се прошири и на другите клиники.
Се работело на чекалните во болниците, да се направат како што треба. Рече дека ќе биде поевтино да се оди за цела држава, наместо посебно за секоја клиника да се бара и да се купуваат столчиња.