Некогаш одамна, сите човечки суштества биле како Бог, но го злоупотребиле тој свој божествен подарок. Тогаш, полубогот Брахма одлучил да им го одземе и да го сокрие таму каде никогаш нема да го најдат...

Но, прашањето било каде да се скрие. Затоа Брахма го свикал советот на Богови за да му помогнат да одлучи.

Еден од нив рекол: „Да го закопаме длабоко во земјата“.
Брахма одговорил: „Не, не, тоа не е решение, затоа што луѓето ќе ја копаат земјата и ќе го најдат.“
Тогаш се јавил некој друг и рекол: „А да го потопиме во најдлабокиот океан?“
Но, Брахма повторно не се сложил: „Не, ќе научат да нуркаат и ќе го пронајдат.“
Некој трет рекол: „А да го однесеме на врвот на највисоката планина и таму да го скриеме?“
Брахма одговорил: „Не, со текот на времето ќе научат да се качуваат на секоја планина и ќе го најдат.“

И на крај сите кренале раце и рекле: „Не знаеме каде да го скриеме, затоа што изгледа дека ниту на земјата, ниту во морето нема место до кое човекот не може да стигне.“

Брахма долго размислувал, а потоа рекол: „Еве што ќе правиме. Ќе го скриеме нивното божество до најдлабокиот дел во нивното сопствено битие – срцето, затоа што луѓето никогаш нема да се сетат да побараат во своето срце.“

Сите се сложиле дека тоа е совршено скривалиште, па така и направиле. И оттогаш, луѓето ја поминале планетата на секој можен начин: копале, нуркале, се качувале и истражувале – барајќи нешто што веќе било во нив.“