Најдобрите чаеви за добар сон

Нема ништо подобро од топол чај пред спиење кој има моќ да ги смири нашите нерви. 

Photo by 五玄土 ORIENTO on Unsplash

Иако повеќето луѓе пијат чај во текот на денот, чајот е одлична идеја за навика која можеме да ја изградиме пред спиењето, особено ако тешко заспиваме.

Хербалните чаеви се најдобар извор за добар сон бидејќи тие не содржат кофеин во себе, за разлика од црниот чај кој има кофеин како и кафето.

Ова се нашите препораки.

Камилица

Овој чај е познат уште одамна. Тој помага во решавање на гастролошките проблеми, треска, па дури и несоница. Иако не постојат многу истражувања на оваа тема, сепак многу луѓе се сведоци за одличните ефекти во подобрувањето ан спиењето. Камилицата содржи флавоноид кој се нарекува апигенин, кој има одлична моќ да ја намали нашата вознемиреност и нервоза и да го поттикне спиењето. Таквите состојки имаат позитивно влијание на нашиот мозок, речиси како лековите за смирување.

Лаванда

Сите знаеме дека лавандата е билка која е позната по својот убав мирис, но и смирувачки дејства. Често може да се најде во дворовите, а нејзиниот мирис мами насекаде. Цветот од лаванда е одличен за да се направи чај за релаксација од него. Лавандата е корисна бидејќи таа го смирува нашиот мозок во интеракција со невротрансмитерот ГАБА. Таа исто така делува и како млак седатив.

Валеријана

Како и камилицата, така и валеријаната има долга историја на медицинска употреба, особено во однос на стресот и депресијата. Коренот од валеријана не само што помага да заспиеме побрзо, туку и го подобрува квалитетот на сонот. Кога ќе се подготви од сушена билка, овој топол напиток има силен мирис и вкус кој може да биде тежок за некои луѓе, но затоа се препорачува мед или лимон кои би можеле да го подобрат вкусот.

Зелен чај

Пиењето зелен чај во текот на денот е подобро од неговото консумирање навечер. Овој чај има огромна моќ да го намали заморот и да го подобри квалитетот на нашиот сон. Тоа се должи на состојката теанин, која му помага на мозокот да се релаксира и да го намали лачењето на кортизолот, кој е познат како хормон на стресот. Но, потрудете се чајот кој го пиете да содржи ниско ниво на кофеин. 

Маточина

Маточината има прекрасен мирис, а и нежен вкус кој сигурно ќе го обожавате. Таа не е многу популарна, но е одлична за намалување на бактериските инфекции во телото, но и справување со проблемите поврзани со спиењето.

Таа ги намалува заморот и немирот, го подобрува расположението, а  и влијае одлично на сонот.