Најдобрите 25 ученици од Аеродром се вратија од наставата во Лондон

25-те најдобри основци од училиштата во Општина Аеродром успешно ја завршија наставата и се вратија од Лондон. Тие учествуваа во културно-едукациската размена со збратимената Општина Вандсворт во Лондон, Велика Британија. 

Учениците беа придружувани од двајца одговорни наставници за време на нивниот престој и имаа прилика да се запознаат одблизу со културата и едукацискиот систем на Велика Британија, во срцето на Лондон. Имаа прилика да бидат дел од наставата и воспитно-образовниот процес, како и културниот сегмент од живеењето. Децата беа сместени во британски семејства, па одблизу можеа да направат паралела помеѓу типичното македонско и британско семејство.

Импресиите на учениците се дефинитивно позитивни, а она што најмногу им остави впечаток е користењето на навистина софистицирана и модерна технологија, како и начинот на изведување на самата настава. 

Посетата ја зајакна соработката помеѓу двете збратимени општини, но и беше одлична прилика аеродромци да стекнат нови познанства со свои врсници од Лондон.