Грееното вино (познато кај нас и како варено вино) е одличен пијалак за да се згреете и расположите во студените есенски и зимски денови. Аромата којашто му ја даваат зачините е карактеристична и примамлива, па тешко можете да му одолеете и да не се напиете уште една голтка.
Најчесто се приготвува од црвено вино кое е зачинето со стапчиња цимет, каранфилчиња, ванила, портокал и/или лимон, а за уште подобар вкус се додава и шеќер или мед. Секогаш се служи топло.
Грееното вино е многу популарно низ Европа. Во Германија се нарекува Glühwein, во Франција vin chaud, а во Италија vin brulé. Совршено е за да го изненадите вашето друштво, затоа што не е скапо за приготвување, а освен тоа го исполнува воздухот со пријатен мирис кој никого не остава рамнодушен.
Постојат многу различни рецепти и методи за приготвување на греено вино. Некои луѓе прво го загреваат виното, па потоа ги додаваат зачините. Други, прво го ставаат шеќерот и зачините во мала количина вода и откако ќе повријат заедно неколку минути, го додаваат виното. Трети, пак, ги ставаат сите зачини во газа и заедно со шеќерот ги додаваат во виното, го загреваат виното неколку минути, а пред сервирање ја вадат газата од виното.
Подолу е даден само еден од стотиците рецепти за греено вино. Но, вие можете да го прилагодите според вашиот вкус.
1 шише црвено вино (пример: 750ml Cabernet Sauvignon)
1 портокал
2 стапчиња цимет
5 каранфилчиња
1 дафинов лист (искинат на парчиња)
½ морско оревче (изрендано)
1/3 чаша шеќер
¼ чаша бренди или ликер од портокал (по желба)
Од кората на портокалот исечете 1-2 тенки ленти. Портокалот пресечете го на половина и врз едната половина наредете ги каранфилчињата (прободете ја кората со нив).
Налејте го виното во тенџере и ставете го на тивок оган.
Внатре ставете ја половинката од портокалот со каранфилчињата, лентите од кората, стапчињата цимет, изренданото морско оревче и дафиновиот лист искинат на парчиња. Можете да исцедите и малку сок од преостаната половина од портокалот.
Кога виното ќе се затопли, додајте го шеќерот и мешајте за да се стопи.
Не дозволувајте виното да започне да врие! Ако се појави бела пареа, намалете ја температурата и продолжете да мешате.
Виното може да се грее 10-15 минути, но некои го оставаат на тивок оган подолго време (30-45 минути). Најдобро е да вкусувате по малку во текот на готвењето. Така ќе го тргнете од оган тогаш кога ќе ви изгледа дека е доволно зачинето, а во исто време ќе можете и да додадете некоја состојка плус ако сметате дека не е доволно ароматизирано. Исто така, ќе можете да ставите повеќе шеќер ако сакате виното да е послатко.
Ако користите бренди или ликер од портокал, додајте ги веднаш откако ќе го тргнете виното од оган.
На крајот исцедете го виното и готово е за служење.
Послужете го топло во чаши за вино или шолји кои претходно сте ги прелиле со топла вода. Украсете со портокал исечен на полумесечинки. Често во чашата се додава и стапче цимет за посилна арома.
Експериментирајте и создајте свој рецепт за да се топлите и да уживате во студените денови што нè очекуваат.