Најбогатиот пензионер во Скопје зема 7.762 евра месечно

Петнаесетгодишник е најмладиот милионер во земјава за 2017 година. Тој остварил доход од над 16.339 евра, а исто толку остварил и најстариот милионер кој има 98 години, во категорија заработка до милион денари.

Најмладиот милионер приходот го остварил од интернет услуги.

Пензионери од Скопје и од Битола најдобро заработувале во 2017 година, покажуваат податоците за остварени приходи кои денеска ги презентираше директорката на Управата за јавни приходи Соња Лукаревска.

Скопскиот пензионер пријавил највисок бруто приход од пензија од странство во износ на 93.153 евра или месечно бруто примал 7.762 евра.

Пензионер од Битола, пак, покрај пензијата пријавил и други приходи во вкупен износ од 903.407 евра.

Највисока остварена капитална добивка (продажба или размена на недвижен имот, хартии од вредност, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот) во 2017 година имал прилепчанец, вкупно 715.016 евра. Скопјанец, пак, најмногу заработил од дивиденди и други приходи од учество во добивка, вкупно во износ од 3.284.552 евра.

Повременото вршење на услуги во 2017 година било најпрофитабилно за жител од Велес кој заработил 1.437.182 евра по овој основ. Највисокиот профит од вршење самостојна дејност изнесува 926.014 евра и го остварило физичко лице, вршител на самостојна дејност од Скопје.

Во 2017 година граѓанин од Скопје остварил приход од продажба на сопствени земјоделски производи во износ од 93.110 евра, што е највисокиот приход по овој основ.

Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, односно пријавен вкупен бруто приход од игри на среќа е кај жител на Тетово кој само по овој основ остварил 162.586 евра.

За 2017 година, 455.915 граѓани поднеле Годишна даночна пријава, во која доброволно пријавиле 3 милијарди и 124.393.041 евра годишни бруто приходи и 188.918.565 евра персонален данок.