
Градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски кој е кандидат за уште еден мандат најавува шест историски капитални проекти за општината.
Како што вели, Гази Баба се подготвува за најголемата урбана и сообраќајна трансформација досега!
- Заедно со Градот Скопје се обврзуваме за реализација на 6 капитални проекти кои ќе го променат изгледот, функционалноста и перспективата на нашата општина, порача Стефковски по средбата со кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Станува збор за следниве проекти:
- Изградба на клучката Хиподром
- Трета лента на булеварот Александар Македонски
- Изградба на првата фаза од булеварот Хрватска
- Нов водоводен крак за Автокоманда, Железара и селата во високата зона
- Поврзување на Гази Баба со Аеродром
- Реконструкција на улицата Перо Наков и поврзување со булеварот Февруарски Поход преку нов мост
Со клучката Хиподром и третата лента на бул. „Александар Македонски“ – од мостот кај Сингелиќ до мостот во Автокоманда – планираное да се зголеми протокот на возила, да се растовари источниот влез во Скопје и да се обезбеди поудобно и побезбедно движење за граѓаните.
Клучката Хиподром директно ќе ја поврзе улицата „Пролетна офанзива“ – главната рута за возачите од Куманово и Велес – и конечно ќе се елиминираат метежите и долгите колони при влез во Скопје.
Паралелно, булеварот „Александар Македонски“ ќе овозможи побрз пристап до Автокоманда, индустриските зони и локалните населби.
Булеварот „Хрватска“ ќе биде нова артерија на градот и ќе ја поврзе Гази Баба со Бутел и Чаир преку внатрешната обиколница.
- Пред тоа, ќе изградиме и нов водоводен крак – решение за деценискиот проблем со слаб притисок во високите зони на Автокоманда, Железара и неколку села. Со тоа, илјадници домаќинства конечно ќе добијат стабилно и квалитетно водоснабдување, особено во летните месеци. Пред нас е и поврзувањето на бул. „Александар Македонски“ со бул. „АСНОМ“ преку мостот „Михаило Апостолски“, како и реконструкцијата на „Перо Наков“ и изградба на нов мост кон Февруарски Поход – со што ќе се создаде целосно нов сообраќаен правец преку Вардар, најави Стефковски.