
Непрописно и лудо се возат електични тротинети, од страна на малолетници, реагираат граѓаните. Многу често и по две деца качени на тротинет, без соодветни заштитни кациги, „летаат“ низ булеварите меѓу густиот сообраќај во Скопје. Малолетните возачи, често и пресекуваат пат, а не се безбедни ниту на патеките на кеј покрај Вардар.
Не е мал бројот на настрадани по ваквите авантури.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се предвидува заострување на регулативата и казните за користење електрични тротинети, најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Според Тошковски, анализите покажуваат дека најголем број сообраќајни несреќи во кои учествуваат електрични тротинети се регистрирани кај младите, особено кај лица на возраст до 17 и 18 години.
Тој посочи дека нелегалното управување со тротинети, возењето по две или повеќе лица на едно возило, непочитувањето на сообраќајните правила и некористењето заштитна опрема често доведуваат до сериозни последици.
Со најавените законски измени се разгледува и можноста за зголемување на минималната старосна граница за управување со електрични тротинети, како дел од мерките за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Според правилата забрането е да се превезува друго лице на тротинетот, лицата под 14 години не смеат да управуваат со електричен тротинет, а максималната дозволена брзина е означена како 25 km/h.