Најавени нови 40 автобуси: Старите им задаваат нови главоболки на скопјaни

Старите и дотраени автобуси кои што ги превезувале скопјани пред 20 па и повеќе години, повторно се на скопските улици. Само седум години по набавката на новите украински и кинески автобуси, состојбата со возилата е очајна.

Од ЈСП не кријат дека нископодните автобуси набавени од Украина се во многу лоша состојба, додека, пак, постои проблем и со кинеските двокатни, пред сѐ поради непостоење на нивен овластен застапник, па автоматски не постои можност за сервисна и техничка поддршка во секое време.

– Причината за пуштање во сообраќај постари возила се инцидентни дефекти. Подобро е во сообраќај да се пуштат функционални возила, макар и од постарата генерација, отколку одредена линија да не се реализира, велат од ЈСП.

Од таа причина на линиите каде што тие ќе застанат, се пуштаат старите зглобни и единечни возила. За да се обезбеди подобар квалитет на јавниот градски превоз веќе се најавува набавка на нови автобуси, на кои, пак, ќе имало дури и држачи за велосипеди.

– Во последниот квартал од годинава ќе биде отпочната постапката за набавка на новите 30-40 автобуси (да се распише тендерот). Колку точно автобуси ќе се набават, ќе зависи од понудените цени на понудувачите – додаваат од ЈСП „Скопје“.