Најавен новитет пред учебната година: Бесплатен превоз за сите средношколци

Гимназијата „Орце Николов“ е едно од средните училишта кое во новата учебна година ќе има енергетски ефикасна фасада во согласност со современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија.

Како што појасни на прес-конференција скопскиот градоначалник Петре Шилегов, во гимназијата „Орце Николов“ се работи на реконструкција на фасадата преку санирање на бетонските делови, поставување на „демит“ фасада во деловите каде што недостасува и освежување на боите на циглите.

Притоа, како што посочи тој, се водело сметка во консултација со проектантот и Асоцијацијата на архитекти на Македонија фасадата да не трпи визуелни промени заради задржување на постојниот надворешен изглед на училиштето.

Во рамки на реконструкцијата на гимназијата се врши и промена на внатрешната и надворешната столарија, реконструкција на подовите на училниците, партерно уредување, поставување бекатон на паркингот на училиштето и нови пет рефлектори за надворешно осветлување.

Градоначалникот Шилегов рече дека реконструкцијата на фасадите ги опфаќа сите средни училишта кои имаат потреба од тоа.

- Висината на вкупните средства за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари за 19 училишта, кои ќе добијат енергетски фасади, санација на кровови, надворешна столарија, подови, електрика и греење, рече Шилегов и додаде дека дел од училиштата започнуваат и со адаптација на тоалети за лицата со посебни потреби.

Овие средства, како што истакна Шилегов, се обезбедени со пренамена на средствата предвидени за „Скопје 2014“.

Новина во новата учебна година ќе биде и бесплатниот превоз за сите ученици во средните училишта на Градот Скопје независно од оддалеченоста на местото на живеење од училиштето во кое учат.

- Досега бесплатен превоз користеле околу 20 илјади ученици кои живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето во кое учат. Од оваа учебна година бесплатен превоз ќе можат да користат дополнитело над две илјади ученици, односно сите ученици без исклучок, рече Шилегов.

Дополнителните средства за бесплатниот превоз на ученици се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2018 година како делод Програмата за активностите на градот за средното образование.