Награди за најдобрите изданија на Саемот на книгата

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) по вторпат ги додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачи кои го одбележаа периодот меѓу двата саема на книга.

Во рамките на 30. издание на Саемот на книгата беа врачени признанија во осум категории. За наградите одлучуваше стручно жири во состав: проф. Владимир Мартиновски, новинарката Нина Стефанова и графичкиот дизајнер Ласко Џуровски.

Прво место во категоријата за најдобра едиција е доделено на „Огнови“ на издавачкиот центар „Антолог“, а второ место на „Басни од Македонија“ од издавачката куќа „Арс Ламина“. За најдобро ликовно-графички уредено издание е наградена сликовницата – „Ѕвезденото дете“ од Ване Костуранов („Арс Ламина“). Прво место за најдобри книги за деца и млади доби „ТКЦП: Канџа во мракот“ од Билјана Црвенковска и Здравко Гиров („Арс Ламина“), второ место: „Енциклопедија за деца“ од Ели Маказлиева („Едука Мак“) и трето место: „Глен-Супермен“ („Антолог“).

За најуспешни домашни автори се именувани: Фросина Пармаковска, Билјана Црвенковска и Петар Андоновски. Наградата за најкреативно издание ја доби боенката „Скопје 091“ објавена од издавачкиот центар „Три“ (прво место) и интерактивната сликовница „Ти и јас“ од „Арс Ламина“ (второ место).
Управниот одбор на МАИ додели и специјална награда за општествена одговорност на КСЦ „Полица“ за повеќе проекти и донации, и на издавачот „Арс Ламина“ за првиот „Водич за знаковен јазик“, проект за глуви и наглуви. Признанија за најдобри промотори на читачка култура освоија: блогот „Сакам книги“ и The Chick That Reads (Ана Томовска), додека за Кампања за подигнување на читачките навики кај децата – проектот „Читаме со Марија и Маги“ („Арс Ламина“). Прво место за најдобро саемско претставување доби издавачки центар ТРИ, второ место – „Арс Ламина“ и трето – „Арс студио“.

„Идејата на наградите на МАИ е да им оддаде признание на најуспешните изминатата година и да ги поттикне другите да работат во насока на креирање нови производи, на добра понуда и на успешно саемско претставување. Оваа година има доволен број учесници на саемот, но недостигаат повеќе изданија од неколку сегменти, како: детска литература, оригинални креатини проекти и со општествена одговорност, како и повеќе влог во покреативно саемско претставување. Наградите се тука да ги потсетат издавачите дека треба да објавуваат нови дела што ќе бидат пример за другите. Со овие признанија сакаме да го поттикнеме и да го поддржиме квалитетот во производството на книги“, изјави Бојан Саздов, претседател на МАИ.

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) е формирана на почетокот на 2016 година како независно, непрофитно и доброволно здружение што организирано работи на стручно оспособување и усовршување на своето членство. Целта и мисијата на МАИ се да работи во насока на развој на издавачката дејност во Македонија, и тоа преку: поттикнување соработка меѓу издавачките куќи, остварување на нивните заеднички интереси, утврдување стандарди во работењето и нивен постојан развој, учество во донесување на законски регулативи во дејноста и грижа за нивно спроведување, организација на саемски и други манифестации, со цел промоција на издавачката продукција во земјата и во странство преку овие цели и подигнување на статусот на книгата и читањето во Македонија.