Наградата „Св. Климент Охридски“ во рацете на Зоран Пејковски

Националната установа - Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола на македонскиот драмски писател Зоран Пејковски му ја додели Наградата „Св. Климент Охридски“ за придонес во литературата и културата.

Станува збор за една многу значајна, вредна и престижна награда што ја доделува оваа Национална установа на автори кои оставаат длабок печат во литературата и културата. Таков овој пат е Зоран Пејковски кој само оваа 2016-та година објавил четири книги.

Станува збор за збирките песни „Да не ми е сон“ во издание на издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје, кој целосно е препеана на романски јазик, а на 22-ри ноември промовирана беше во Букурешт.

Потоа збирката песни „Златна прашина“ за која ја доби и наградата „Јован Котевски“, па книгата „Избор драми-трагедии“, која ја приреди проф.д-р Димитар Пандев, кој во насловот од предговорот ќе напише: „Драмите на Зоран Пејковски - врв на македонскиот и светскиот натурализам“, со што го потврдува фактот дека Пејковски е единствениот натуралист во македонската литература. И сценско-драмскиот рецитал со пролог и епилог „Херувимите на Самуиловата круна“ кој беше одигран во 2014-та година по повод 1.000-годишнината од смртта на царот Самуил од актерите на Народниот театар од Битола.

Но 2016 година, на книжевен и творечки план за Пејковски ќе остане запаметена и по одигрувањето на адаптацијата на драмскиот текст во стих „Апостолска чудотворност“ по повод 1.100 години од упокојувањето на „Св. Климент Охридски“, а неа ја одиграа актерите на Народниот театар од Прилеп, по повод отворањето на Демирхисарско културно лето -Топол културен бран, во организација и со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Општината Демир Хисар, потоа таа е одиграна и на отворањето на шестата по ред Меѓународна книжевна манифестација „Битолски книжевни паметења“ во организација и со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, потоа во Општината Могила, исто така во рамките на Топлиот културен бран во организација и со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Општината Могила, а посебно беше одиграна на главната манифестација на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола во рамките на одбележувањето на патрониот празник на библиотеката.

Исто така, Зоран Пејковски во 2016-та година назначен е за почесен амбасадор на мирот, титула доделена од Швајцарија и Франција, која им се доделува на големите книжевни и уметнички имиња како нивен придонес за човештвото во Европа и светот, со што се докажува дека Пејковски, не само што е македонски писател, туку и европски и светски. Инаку, Зоран Пејковски автор е на повеќе книжевни и драмските дела, и тоа: „Атомско време“ (трагедија, 1987), „Тесно небо“ (поезија, 1993), „Последниот чин на комедијата на смртта“ (трагикомедија, 1994), „Реликвија на светлината“ (поезија, 1996), „Облак во пантолони“ (препев на В.В. Мајаковски, 1997), „Relic of the light“ (поезија, 1998), „Филозофија на смртта“ (поезија, 1999), „Љубов на вересија“, (љубовно-еротска комедија, 2000), „Театарот е ритам и стил“ (публицистика, 2002), „За животот, љубовта и смртта“ (монодрама, 2011), одиграна на сцената на Народниот театар од Битола, во театарската сезона 2001-2002 година, „Театарот е фабрика за соништа“ (публицистика, 2012), „Сон“ (трагедија, 2013), „Сега знам“ (поезија, 2014), „Сите наши кодоши“, (македонска национална трагедија, 2014), „Самуилово распетие“ (драма во стих со пролог и епилог, 2014), потоа сценско-драмскиот рецитал „Херувимите на Самуиловата круна“, па следат: „Градот на јужното море“ (роман, 2015), и сценско-драмскиот рецитал „Со љубов кон Свети Климент Охридски“ (сценско - драмски рецитал, 2015), одиграна од актерите на Народниот театар од Прилеп, по повод отворањето на Демирхисарско културно лето - Летен културен бран во организација со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Општината Демир Хисар. А пак во 2016 год, ги објавува: „Да не ми е сон“ (поезија, 2016), „Златна прашина“ (поезија, 2016) и „Избор драми - трагедии“ направен од проф. д-р Димитар Пандев (избор драми-трагедии, 2016). Меѓу другото тој е и автор на драмскиот текст „Мали детски разговори“ (пиеса за деца, 2016), итн.

Зоран Пејковски од 1995 год. е член на Друштвото на писатели на Македонија, потоа, член на Собранискиот одбор на Друштвото на писатели на Македонија, па претседател на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола. Тој е и член на Македонското научно друштво од Битола, и член на Управниот одбор на Македонското научно друштво, а бил и раководител на Центарот за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво, кој работи во рамките на Македонското научно друштво, потоа тој е и главен и одговорен уредник на регионалниот информативен неделник „Јавност“, а е главен и одговорен уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, кое излегува во рамките на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола.

До неодамна тој беше и главен и одговорен уредник на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, кое излегува во рамките на Македонското научно друштво од Битола. Зоран Пејковски, е преведуван и препејуван на повеќе странски јазици: англиски, француски, српски, словенечки, хрватски, босански, руски, бугарски, грчки, албански, португалски, шпански, романски, полски, влашки, итн. За својот книжевен и публицистички опус има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои: Наградата „За серија информации во популаризација на книгата“ на Културно просветната заедница на Македонија; Наградата „Празник на липите“, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, на истоимената Меѓународна книжевна манифестација; Наградата „Медијала“ на „Македонија презент“ за збирката песни „Сега знам“; Наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола за книжевност и литература за збирката песни „Сега знам“ и за драмскиот текст „Сите наши кодоши“; Наградата „Јован Котевски“ за збирката песни „Златна прашина“; Наградата „ЕРГО СУМ“ за популаризација и афирмација на театарскиот израз; Наградата „Прозни мајстори“ за романот „Градот на Јужното Море“; Наградата „Св. Климент Охридски“ за придонес во литературата и културата;...