Нафтената пирамида колабира

Цените на нафтата паднаа за време на пандемијата, а кризата во тој сектор може да се влоши затоа што веројатно нема да има нови инвестиции, сметаат експертите кои беа дел од Конференција посветена на енергетиката.

Ограничувањата за движење поврзани со пандемијата ги спречија луѓето да патуваат, со што значително се намали  употребата на гориво. Генерално, цените на нафтата паднаа за околу 40% од почетокот на годината и во еден момент – нафтата вредеше 0 долари за барел, досега незапаметено во историјата.

Ваквата понуда на нафта го одвлекува вниманието на инвеститорите и прашање е што ќе се случи во 2021 година, имајќи предвид дека вирусот е многу непредвидлив, а инвеститорите ја губат довербата. Бен Лакок, од компанијата „Трафигура“, наведува дека како резултат на падот на цената на нафтата и проценките на корпорациите, капиталните расходи за истражување и производство на компании од енергетскиот сектор нагло паднаа.

„Кој ќе го финансира нашиот следен инвестициски циклус? Навистина, дали некој ќе биде охрабрен да нè финансира?“, прашува тој, додавајќи дека приносите на S&P 500 пораснале за 70 проценти од 2015 година, но приносите на E&P (истражување и производство) за компанијата во истиот период падна за 70 проценти.

„Од гледна точка на финансирање, енергетскиот сектор генерално се соочува со два клучни проблеми. Едниот е релативно нискиот принос на акционерите, а другиот е компресираната маржа во синџирот на вредности“,  посочи Ахмед Али Атига, извршен директор на „Апикорп“.

Како што понатаму изјави, „овој феномен во енергетскиот сектор претставува клучен предизвик, поточно од каде ќе дојде финансирањето, особено во период на акутна криза“.

Во извештајот на почетокот на оваа година, истражувачката компанија „Ристад Енерџи“ предвиде дека компаниите од овој сектор, може да изгубат приход од 1 трилион долари годинава и пад од 40% од година во година. Во 2019 година, индустријата оствари приход од 2,47 трилиони долари.