
Надминат е конструкторскиот проблем со столбовите на мостовите на пругата во изградба Бељаковце – Крива Паланка, втората делница за желеничкото поврзување на Македонија и Бугарија на Коридорот 8. Веќе се врши препроектирање за столбовите изградени пред 30-ина години, а домашните експерти вклучени во работите очекуваат временските и финансиските импликации да бидат на најниско можно ниво.
Горан Марковски, професор и декан на Градежниот факултет во Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кој беше вклучен во активностите за ново техничко решение, за МИА потврди дека проблемот со постоечките мостовски столбови, изградени пред 30-тина години, е успешно разрешен во полза на државата.
„Ова најмногу се должи на меѓусебната координираност и целосна доверба помеѓу домашните авторитети – премиер, министер за транспорт, директор на МЖ инфраструктура и домашните експерти инволвирани во проектот од Градежниот факултет. Проблемот произлезе како последица на разликите помеѓу стандардите по кои се проектирани и изградени столбовите и темелите (МКС-Македонски стандард) и Европските стандарди за проектирање конструкции (Еврокодови) кои во земјите членки на Европската унија се во важност од 2010 година и кои се облигаторни за новите објекти на европските коридори. И секако поради долгиот период на изложеност на столбовите на надворешни влијанија, притоа без никаков мониторинг и заштита“, изјави Марковски.
Помеѓу многуте други разлики во наведените прописи, посочува дека најсуштинска е онаа која се однесува на значително поголемиот интензитет на сеизмичката сила определена според Еврокодовите.
„Тој сериозен конструкторски проблем можеше да биде разрешен или со примена на конзервативни методи, на што инсистираше изведувачот, а кои во конкретниов случај изискуваа многу повеќе дополнителни средства и време или со употреба на современи уреди за справување со „вишокот“ сеизмичка сила и нејзината редистрибуција низ конструкцијата. За нас немаше дилема дека, веќе прифатениот современ пристап е далеку порационален и во конкретниов случај посоодветен. Со оглед на тоа што препроектирањето е во тек, во моментов немам информација за тоа колкави точно ќе бидат финансиските и временските импликации, но убеден сум дека ќе бидат на најниско можно ниво“, вели професорот Марковски.
Според него, реализацијата и искуствата од овој, но и на многу други проекти, покажуваат дека и покрај потешкотиите на кои скоро неизбежно се наидува, проектите не треба да се оставаат недозавршени. Тогаш, потенцира, компликациите, а со тоа и нивната цена значително растат. Во тој контекст укажува и на ризиците од одложувањето на примената на еврокодовите и потребата од грижа за домашниот инженерски потенцијал.
„Понатаму, бесконечното одложување на задолжителната примена на Еврокодовите, на мое големо изненадување и разочарување поттикнато од страна на дел од инженерите, води кон наша инженерска маргинализација и колонизација, стручно назадување, неконкурентност на европскиот, но, што е уште полошо и на домашниот проектански и консултантски пазар. И на крај, би ја споменал не помалку важната потреба од водење грижа за домашниот инженерски потенцијал, што е впрочем вообичаена пракса насекаде во светот. Нелогично е, а и крајно недомаќински со наши пари да развиваме туѓи компании и инженери, да ги „билдаме“ нивните референци и биографии, а истовремено да ги атрофираме оние на нашите. Впрочем треба што побрзо да сфатиме дека без домашно градежништво државата не може да функционира“, порачува Марковски.
Синиша Ивановски, директорот на ЈП МЖ Инфраструктура за МИА вели дека во почетна фаза е проектирањето на мостовите.
„Се утврдува методологијата и опциите кон кои технички ќе се решава санацијата на мостовите“, изјави Ивановски, споделувајќи дека на оваа делница, што ја гради турски „Ѓулермак“ се завршени 30 проценти од работите. Договорот е во вредност од 155 милиони евра, но ресорниот министер неодамна изјави дека ќе изнесува од 190 до 195 милиони евра.
Премиерот Христијан Мицкоски на крајот од јуни годинава информираше дека во изградбата на железничката инфраструктура кон Бугарија има проблем на патот кон Кратово кај столбовите кои се 50 проценти од проектот, споделувајќи дека изведувачот бара да се урнат и оти тоа ќе чини многу повеќе средства и време.