Надлежните уверуваат дека училиштата се безбедни во однос на корона трансмисијата

Состојбата со ковид-19 во училиштата е стабилна, со околу 0,02% новозаразени од вкупно 240.000 ученици на ниво на држава, според последните информации на Министерството за образование и наука. Речиси ист е и процентот на заразени кај наставниот кадар. 

Од МОН велат дека во училиштата досега нема трансмисија на заразата.

Воедно, се апелира на доследно почитување на здравствените протоколи и одговорно однесување од страна на сите засегнати чинители во воспитно-образовниот процес.

Во текот на вчерашниот ден дијагностицирани се нови 50 ученици позитивни на ковид, рече денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска. 

Царовска информираше дека во основното образование околу 2 отсто од учениците следат онлајн настава, а во средно образование, околу 7 проценти. 

Од друга страна, не е мал бројот на родители, наставници и активисти кои алармираат на потенцијалниот ризик во училиштата од пирење на корона вирусот. 

-Добар дел од децава кои одат во школо со физичко присуство, седнати како сардини по 30 во клас во 30 квадратни метри, со партали на уста кои после 2 часа се полнат со плунка, поим немаат дека се злоупотребени поради политички цели. Незрели деца, неискусни, не се должни да влезат во срж на проблемот - лесна трансмисија на смртоносен вирус кој се гледа само под електронски микроскоп. Замислете, не им ни објаснија стручни медицински лица, колку е и опасен вирусот и како треба да се однесуваат во училница и надвор од неа. Некој свесно игра на детската наивност за болеста и последиците од неа со овој нечовечки експеримент кој не вклучи ни комбинирана настава, ни онлајн како опција,ни наства во природа. Децата и родителите се злоупотебени од центрите на моќ. За секој разболен ученик, родител,наставник некој треба да одговара, предупредува активстката Ана Глигорова.