Надлежните не можат да го најдат сопственикот на дивоградбата кај ТЦ Мавровка

Засега безуспешен обидот на Општина Чаир преку весници да го најде инвеститорот на дивоградбата кај ТЦ Мавровка.

Иако е поминат половина од рокот од 8 дена, кој стои зад новиот објект на сега опожареното кафуле Фонтана, општината не знае, но велат нема да отстапат од намерата да го спроведат решението за уривање.

-Сопственикот досега не се јави. Кога ќе истече рокот ќе се преземат неопходни мерки. Определен е инспектор кој излезе на терен уште пред Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши контрола и доколку има потреба пак ќе го стори тоа, велат од општина Чаир.

Дека општинскиот градежен инспектор излегол на терен е известен и ДИГУ чиј директор Локман Љимани за Канал 5 вели дека очекува постапката да ја заврши локалната самоуправа. Доколку не го стори тоа, како што појаснуваат од Инспекцискиот совет, државниот инспекторат ќе може да постапи кога ќе ги преземе надлежностите.

-Доколку е донесено решение за рушење од страна на О. Чаир тогаш постапката треба да си се заврши согласно закон, да се испочитуваат роковите во кои инвеститорот треба да го сруши објектот, а доколку тоа тој не го стори тогаш О. Чаир преку посебна постапка треба да го сруши овој објект. Во случај општината да не постапила, само тогаш ДИГУ може да побара од Министерството за транспорт и врски да им ги пренесе ингеренциите за да можат во целост да постапат, вели Магдалена Филипоска Грашкоска од Инспекциски совет.

По “непознатото лице” – инвеститор во објектот прогласен за дивоградба на кој веќе неколку дена нема градежни активности, се уште трага и скопското обвинителство.