Над 8.000 слободни работни места во земјава, еве во кои сектори

Стапката на слободни работни места во третото тримесечје од 2021 година изнесува 1,69%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупниот број слободни работни места во земјава е 8.595, од кои најмногу се во секторот преработувачка индустрија (1.732), кој, сепак, нема највисока стапка на слободни работни места.

Највисока стапка на слободни работни места од 3,32% има во секторот административни и помошни услужни дејности, каде што има вкупно 730 слободни работни места.

Голем број слободни работни места има и во секторот трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (1.554), сектор кој има стапка на слободни работни места од 1,82%, а има и 906 слободни работни места во секторот градежништво, кој има стапка од 3,03% и 648 слободни работни места во секторот транспорт и складирање, кој има стапка од 2,29%. Секторот образование има стапка на слободни работни места од 1,67%, односно вкупно 626 непополнети работни позиции.

Најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0,20%, а каде што се бараат само 16 работници.

Според податоците на ДЗС, вкупниот број на пополнети работни места во третото тримесечје од годинава е 500.145, од кои најмногу се во преработувачката индустрија (115.467), а потоа следува секторот трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (83.628), јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување (37.782), дејности на здравствена и социјална заштита (37.716) итн.

Најмал број пополнети работни места има во секторот дејности во врска со недвижен имот, 2.050, но таму има и мал број слободни работни места (26).