Над 80 натпреварувачи на првиот меѓународен натпревар по пијано PIANO KEY во Скопје

На меѓународниот натпревар по пијано PIANO KEY, кој ќе се одржи на 14 декември 2024 година, во Скопје, ќе учествуваат повеќе од 80 пијанисти од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, и САД. Натпреварот ќе се одржи во Културно информативниот центар - Салон 19:19, со почеток во 9 часот и 30 минути.

PIANO KEY - International Piano Competition е прв меѓународен пијанистички натпревар во Скопје, кој го организира Здружението за промоција и развој на културата „Модорас“. Уметнички директори на натпреварот се д-р Ема Попивода, професор по пијано на Музичката академија во Штип, и м-р Светлана Димитриевска, наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје.

Учесниците ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини и во различни категории. За онлајн предизвикот, натпреварувачите ќе бидат оценувани од интернационална комисија составена од реномирани професори и пијанисти: Драгомир Братиќ (Србија), Данијел Ото (Хрватска) и Илинка Манова (САД, Македонија). Комисијата за изведба во живо ќе ја сочинуваат пијанисти и педагози со високи педагошки достигнувања: Ема Попивода, Светлана Димитриевска, Катерина Ќетковиќ Фидановска и Цури Колос.

Завршниот концерт на највисоко рангираните учесници и свеченото доделување на наградите ќе се одржат исто така на 14 декември 2024 година, во КИЦ, Салон 19:19, со почеток во 19 часот и 30 минути. Програмата ќе започне со обраќање на организаторите и амбасадорите на Јапонија и Австрија, Н.Е. Отсука Казуја и Н.Е. Мартин Памер, а ќе следи настап на јапонскиот амбасадор со композицијата „Сакура, сакура“. По тоа, победниците ќе настапат, а свеченото доделување на дипломите ќе се одржи до 21 часот.

Натпреварот е поддржан од Амбасадата на Јапонија и Амбасадата на Австрија во Република Северна Македонија. Специјални дипломи ќе бидат доделени за најдобра изведба на дело од јапонски и австриски композитор, кои ќе ги доделат амбасадорите Казуја и Памер. Дополнително, семејството Цаневи ќе додели награда за најдобро изведено дело од македонскиот композитор, Благој Цанев.

Натпреварот ќе понуди уникатна можност за музичарите да ги покажат своите способности на меѓународно ниво, со поддршка од институции и поединци кои се вложуваат во развојот на класичната музика во Македонија.

За повеќе информации, посетете ја официјалната веб-страница