Над 6.000 маркирани кучиња, плус немаркирани, секојдневно шетаат по скопските улици

Над 6.000 маркирани кучиња, плус немаркирани, секојдневно шетаат по скопските улици. Ова се податоци од евиденцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство, но реалната бројка на бездомни куќиња е многу поголема. Толку многу се намножија што за граѓаните станува опасно да се движат, било дење или ноќе.

Во Шинтерската служба на ЈП “Комунална хигиена” во моментов на располагање имаат само едно возило за заловување на болни и агресивни кучиња, кое секако дека не е доволно да оваа служба се справи со проблемот, бидејќи бројот на повредени граѓани од угриз на куче, е во пораст.

Статистиката која ја водат во Инфективната клиника покажува дека од почетокот на годинава од кучиња биле каснати над 400 граѓани, а во мај бројката е највисока и достигнала 134 лица.

– Бројот на пациенти каснати од куче кои се јавиле на Клиниката за Инфективни болести од први март до денес изнесува: 115 прегледани лица во март, 126 во април, 134 во мај и 47 прегледани лица во јуни – информираат за весникот ВЕЧЕР од Инфективна.

Последниот случај минатата недела кога едно куче во еден ден искаса четворица скопјани на улицата “Партение Зографски” над ОУ”Кочо Рацин” на Водно, опоменува дека надлежните мораат сериозно да се позанимаваат со овој веќе голем проблем.