Над 5000 тони храна се фрла годишно, повеќе од 450 000 граѓани гладуваат во Македонија

Во месец август оваа година на неколку локации низ Скопје, на контејнерите беа излепени плакати на кои пишуваше „Јас јадам подобро од 60 проценти од децата.

Пораките, беа испишани на македонски, англиски и албански јазик, како дел од герила кампањата на „ВСС ефект“, проект финансиран од Европската Унија и спроведуван од Банка за храна МК во соработка со повеќе партнерски организации. Вакви или слични акции веќе подолг период се спроведуваат во Македонија. Но, македонските граѓани наместо да ја донираат и натаму го фрлаат вишокот на храна. Според податоците на годишно ниво над 5 илјади тони храна, најмногу леб и готвени јадења, завршуваат во контејнер. Од друга страна, пак, недело, само во пунктот за бездомници се прехрануваат од 60 до 100 лица.

 „Заедно со сите производители на храна во Македонија, ќе донираме храна на СОС детско село и на пунктот за бездомници на Црвен крст“, изјави Валентина Колевска од Црвен Крст.

 „Ајде Македонија“ со акцијата „Нахрани 10.000“, заедно со 30 партнерски организации низ цела Македонија,  осум години работи на подигање на свеста на граѓаните за количината храна која се фрла. Во пресрет на Светскиот ден на гладта, организираат акција за донирање на храна. Во осум градови и 33 локации во Скопје, во вторник од 10 до 19 часот сите граѓани можат да донираат храна, која потоа ќе биде дистрибуирана до оние на кои им е најпотребна.

„Во Македонија имаме над 450 000 граѓани кои не можат да си обезбедат храна или имаат по еден оброк во денот“, изјави Баже Јосифовски, од „Ајде Македонија“.

Во пресрет на Светскиот ден на гладта-16 октомври, Агенцијата за храна и ветеринарство како институција ќе се приклучи кон мотото на ОН „До 2030 година да нема глад“.

Но, колку македонските граѓани јадат безбедна храна. Директорот на агенцијата уверува дека има зачестени контроли и дека само оваа година уништени биле 14 тони небезбедна храна. Воедно Агенцијата за храна и ветеринартво е подготвена да придонесе нашето стопанство да ги задоволи потребите од храна.

„Од први јануари до септември направени се 32 500 контроли. Во Македонија се конзумира безбедна храна. Од први јануари до септември е уништена 14 тони небезбедна храна“, изјави Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

 Светскиот ден на гладта, или борбата против гладта се одбележува секоја година на 16 октомври во над 150 држави во светот, меѓу кои и Македонија. Податоците на Обединетите нации велат дека 815 милиони луѓе немаат доволно храна. Според индексот глад во светски рамки, Македонија има ниско ниво на глад.