Над 5000 станови се непродадени, нови 10 илјади се градат

Над 5.000 изградени станови се непродадени, а трендот на изградба на нови продолжува. Податоците на Агенцијата за катастар и недвижности покажуваат дека во моментот се градат уште околу 10.500 станови, кои што треба да се пуштат во продажба.

И покрај тоа што бројот на непродадени станови расте - цената на квадратот не поевтинува. Според Катастар, во споредба со минатиот,  во овој квартал бројот на непродадени станови е зголемен за 183. Најскапи се становите во Центар, Карпош и Аеродром, а најевтини во Струга, Штип и Кочани, каде што може да се забележи дека цената е двојно помала.

 Граѓаните, сепак, во изминатиот квартал повеќе купувале стари недвижности. Од над 5000 продажби, колку што се регистирани во Агенцијата за катастар, над 4.400 се продажби на стари недвижнини, додека нешто над 700 се продажби на новоградби. Најатрактивни локации и оваа година остануваат Аеродром и Карпош.

 Освен овие скопски општини, бројот на продадени станови во првиот квартал е зголемен и во Тетово и Куманово.

Сепак, Катастар констатира дека бројот на новоградби моментно ја задоволува побарувачката на станови.