Над 5.000 деца во државата можат да го изгубат правото на детски додаток

Министерството за труд и социјална политика несистемски и импровизирано пристапува кон измени и дополнувања на регулативата, велат експерти во областа на детска и социјална заштита, пишува „Курир“.

По промената на износот на минималната плата во државата, освен со трошоците за живот не е извршено усогласување со Законот за заштита на децата.

Материјалниот цензус за правото на детски додаток утврден со последното усогласување со трошоците за живот изнесува 2.587денари по член на семејство, и 5.189 денари за самохран родител.

Доколку во едно четиричлено семејство, еден од родителите е вработен и прима плата од 12 илјади денари, во тој случај ако приходот се подели на 4 члена, тогаш добиениот износ од 3.000 денари го надминува утврдениот материјален цензус од 2.587 денари, и по редот на неусогласените закони од страна на министерката Мила Царовска, Центарот за социјална работа треба да донесе решение за престанок на правото на детски додаток.

Обновата на документација во Центрите за социјална работа беше спроведена од први јануари до 31 март годинава. Стручните работници се уште немаат донесено решенија за ова право, стравувајќи дека огромен број на родители и деца ќе го изгубат правото на детски додаток.