Над 500 евра му се потребни на едно семејство месечно за да преживее – 30 отсто одат за плаќање на комуналии

Повеќе од 500 евра му биле потребни на едно просечно четиричлено семејство во март за да ги обезбеди неопходните прехранбени производи, да ги плати сметките, да ја одржува личната и хигиената на домот, да плати транспорт, да купи минимум облека и обувки, да се грижи за здравјето и колку -толку да ужива во културните збиднувања.

Сојузот на синдикатите на Македонија пресметал дека мартовската минимална кошница потребна за преживување на семејството вредела вкупно 32.418,08 денари. Со тоа во однос на февруари била поскапа за само 35 денари, а споредено со јануари, за 64 денари. Според пресметките на синдикалците, сега задоволувањето на неопходните потреби на семејството е малку поевтино отколку на крајот на минатата година, во декември, кога кошницата чинела 32.475 денари.

Сондикалната потрошувачка кошница ја сочинуваат исхрана и пијалаци, домување во кое спаѓаат комунални трошоци, покуќнина, опрема за куќа и одржуваење, потоа хигиена која ги опфаќа потребите за одржување на личната и хигиената на домот, превозот, облеката и обувките, културата и одржувањето на здравјето. Најновите пресметки покажуваат дека повторно најголем дел од средствата со кои располага семејството се трошат за полнење на кошницата со прехранбени производи. За да се набават, во март биле потребни 13.408 денари, или 41,36 проценти од вкупните средства. За плаќање на сметките за комунални услуги биле потребни над една четвртина од вкупните средства, или 6.253,04 денари. Кога на комуналиите ќе се додаде и купувањето покуќнина, опрема за куќа и за нејзино одржување, што според синдикалците чинело околу 2.000 денари, просечното семејство за потребите на домувањето требало да издвои 32,32 проценти од вкупниот трошок.

Откако над 70 отсто од месечните трошоци ги направило за храна и комуналии, просечното македонско семејство во март морало многу внимателно да ја дополнува кошницата. Па така, минималниот трошок за превоз е пресметан на 2.349,34 денари, или 7,25 проценти од вкупните издатоци, за олека и обувки можеле да се издвојат околу 200 денари помалку, или 6,58 отсто од парите, за култура малку над една илјадарка или 3,3 проценти од средствата, додека пак одржувањето на здравјето чинело помалку од 700 денари и претставувало 2,09 проценти од вредноста на синдикалната кошница.

Вкупниот трошок на семејствата во мат пресметан од синдикалците се уште е далеку поголем од просечната плата, наспроти тоа што таа побрзо расте. Последниот податок на Државниот завод за статистика за просечната нето-плата е за јануари, кога таа изнесувала 24.025 денари.