Над 30 напади од кучиња скитници во март само во Скопје

Два нови случаи на нападнати граѓани од кучиња скитници во Ново Лисиче и Аеродром. Возрасна жена едвај се одбранила од агресивните кучиња кои ја нападнале пред зградата каде што живее.

Во Ново Лисиче ова не е прв случај, пред неколку месеци ротвајлер изгриза неколку деца и возрасни. Пред два дена пак  маж пријавил дека бил нападнат од куче скитник кое  го изгризало по нога во населбата Мичурин.  Граѓаните не се чувствуваат безбедно велат проблемот со уличните кучиња  е се поголем.

Се поголем број кучиња има на скопските улици, особено во попладневните и вечерни часови. Трчаат во глутница, напаѓаат минувачи особено се нафрлаат врз оние кои носат ќесе во рака или пак возат велосипед. Освен во Аеродром, голем број агресивни кучиња има и на Плоштадот Македонија.

- Само во месец март во полиција се пријавени 32 случаји на нападнати граѓани.

Се работи за кучиња со ушни маркички кои веќе поминале третман во стационарот Вардариште, но кај нив повторно се јавува агресија. Од јавното претпријатие велат по пријавата Екипите веднаш излегле на терен но агресивните кучиња се уште не се заловени.

Програмата залови, стерилизирај, пушти очигледно не дава резултати, бидејќи кучињата откако ќе бидат заловени најмногу 15 дена се сместени во Вардариште а потоа од службата повторно ги враќаат на улица. Бранѓолица потсетува дека граѓаните можат да пријават напад од бездомно куче  на дежурниот телефон во Комунална Хигиена.