
Во рамките на Museumuferfest во Франкфурт, настан што секоја година ги обединува посетителите од регионот и многубројните туристи од целиот свет, Министерството за култура и туризам успешно ја промовира Македонија како врвна европска дестинација.
Македонија беше претставена како држава со автентична култура, недопрена природа, примамлива гастрономија, земја што има врски со светот, за што зборуваат и податоците – во првите пет месеци од 2025 година бројот на германски туристи што ја посетија Македонија порасна за 219 %, односно над 23.000 Германци.
Во рамките на саемот на посетителите им беше претставено и богатото културно наследство на нашата држава – археолошките локалитети, недвижните културни добра, артефактите, музејските поставки, кои се непобитни показатели за нашето културно-историско минато.
Претставувањето на саемот е уште една иницијатива поттикната од воспоставената соработка со Германскиот археолошки институт и со Археолошкиот музеј од Франкфурт, што неодамна беше официјализирана и со потпишувањето билатерални документи со Министерството за култура и туризам и со Музејот на град Скопје.
Посетителите на саемот имаа можност да ја проследат и изложбата на Музејот на град Скопје – „Масовната гробница во Скупи – една темна страна на римската историја“, која во Археолошкиот музеј во Франкфурт беше отворена минатата година, а досега ја посетија над 10 000 посетители.