Парламентарното собрание на ОБСЕ е најголем парламентарен настан организиран досега во Македонија.
Македонија од денеска е домаќин на есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ на која учествуваат делегации од 51 земја членка од Европа, Централна Азија и Северна Америка, како и од земји-партнери за соработка со ОБСЕ. Пријавени се 370 учесници, од кои 220 се пратеници, така што ова е најголем парламентарен настан организиран во Македонија досега.
На отворањето на Парламентарнотот собрание се обратија претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, потпретседателката Рената Дескоска и претседателката на ПС на ОБСЕ Кристин Мутонен. На сесијата, се очекува да учествува и Ламберто Зениер, генерален секретар на ОБСЕ, кој ќе се обрати на седницата на Постојаниот комитет што ќе се одржи утре.
Темите за кои расправаат парламентарците се поврзани со безбедноста, мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ и доброто владеење како основа за поттикнување на економскиот развој. Ќе се расправа исто така за развојот на демократските вредности и институции во ЈИЕ како и за подобро управување со мигрантската криза врз основа на човековите права. Предвидена е и тркалезна маса со шефовите на мисиите на ОБСЕ во Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија.
Вчера се разговараше за безбедноста и соработката во Медитеранот за што говореше потретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски.Тој се осврна на мигрантската криза и ги повика земјите- членки на Европската Унија да создадат стратегија за неа, бидејќи последиците ги трпи и Македонија. Потребни се помош и соработка со мојата земја, рече Милошоски.
„Кризите кои се прелеваат на европскиот континент, не се само социјални, туку стануваат и политички. Политичките кризи во Европа, во следниот период ќе ги забележуваме се повеќе, затоа што феноменот на мигрантите предизвикува политички турбуленции, и ги зајкнува партиите кои имаат поекстремни, или порадикални ставови. Тоа може да го забележиме и во Шведска, и во Финска, и во Германија, можеме да го забележиме и во Франција. Тие кои ваквите не решени проблеми јаваат на бранот на популизмот, утре ќе бидат пратеници“, изјави Милошоски.
Утрински Весник