Над 18.000 барања за легализација на дивоградби се пристигнати до службите во општина Гази Баба

Вкупно 18.505 барања за легализација на дивоградби се пристигнати до службите во општина Гази Баба, информира градоначалникот Борис Георгиевски.

Од нив, во постапка на решавање се 14.221 барање, од кои увид за утврдување на фактичката состојба на лице место е направен за 11.075 барања, а се уште увид не е направен по 3.146 предмети.

– До сега обработени се 11.626 предмети, од кои позитивно се решени 7.342 што е 40 отсто од предметите. Без доставени елаборати се 4.284 предмети што е 23 отсто и истите се затворени со решение за одбивање на барањето – рече градоначалникот Георгиевски на прес-конференцијата по повод последните измени и дополнувања на законот за постапување со бесправно изградени објекти од 2017 година.

Согласно последните измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, сите иматели на бесправни објекти, кои по било кој основ не поднеле барање, а на чиј објект, заклучно со 3 март 2011 се изведени градежните и инсталатерските работи во целост, истите претставуваат градежна и фукнционална целина. Тие граѓани можат да поднесат барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од денот на започнување на примената на овој закон до 31 декември 2018 година.

– Барателите на кои од денот на започнување на примената на овој закон им било одбиено барањето, односно 4.284 предмети, кои се без поднесени геодетски елаборати, можат да поднесат ново барање поради некомплетирана документација пропишана со овој закон во рок од 6 месеци од денот на примената на овој закон, односно до 30 јуни 2018 година – вели Георгиевски.

Сите баратели кои нема да ја достават потребната документација, надлежниот орган ќе мора да го одбие нивното барање.