Над 15 илјади граѓани се очекува утре да ја слушнат пораката на папата

Над 15 илјади граѓани од целата земја, но и високи гости, верници и странски државјани, пред се од поширокото соседство се очекува да се слеат утре на скопските улици поради историската посета на поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск. Сите граѓани ќе имаат непречено движење во градот, но сепак позабавено и согласно посебниот сообраќаен и безбедносен режим, кој е воведен поради посетата на папата. Оние кои живеат или работат во централното градско подрачје ќе имаат непречен пристап до своите домови и работни места.

На оние кои работат во центарот на градот им се препорачува да излезат половина час порано од вообичаеното за да стигнат навреме на работните места. Граѓаните утре е најдобро да го користат јавниот превоз за да се движат низ градот, а оние кои патуваат во Скопје од други градови да користат железнички сообраќај. И двата се бесплатни. Безбедноста е на највиско ниво, а Министерството за внатрешни работи ги има ангажирано сите капациети со цел посетата на папата да помине непречено. Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ нема да биде затворен, но ќе биде забрането пакрирање на возила, поради што властите апелираат граѓаните да за своите медицински потреби да ги користат Градската општа болница „8 септември“ и Универзитетската клиника „Свети Наум Охридски“. До моментов  речиси сите билети се поделени, но доколку и утре има граѓани кои ќе сакаат да ја следат Светата литургија на плоштадот ќе треба да се регистрираат, а ќе можат настанот да го следат од позадинскиот дел. 

Денеска на прес-конференција во Медија центарот за посетата на папата во Домот на АРМ државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев и портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски информираа за сите детали околу посетата на папата кои се во корист на граѓаните. -Целосно сме подготвени за утре. За Република Северна Македонија, за нашите граѓани од католичка вероисповест, но и за припадниците на сите останати верски заедници, како и за сите други граѓани посетата на папата и неговата делегација е историски чин. Неговото доаѓање во овој исклучително важен период за нашата земја, кога исчекоруваме по патот на европските и евроатлантските интеграции ја зацврствува внатрешната кохезија и носи пораки за помирување и солидарност, истакна Димовски и додаде дека посетата на папата води кон унапредување на регионалниот и светскиот мир и признание за улогата што земјава ја има во овие процеси. Владимир Милошев, државен секретар во Министерството за здравство напомена дека Министерството има посебен план, според кој установите соодветно ќе одговорат на неопходните потреби на граѓаните и на туристите, кои поради посетата на папата утре ќе бидат во Скопје.

Во Клиничкиот центар од денеска од 18 до утре до 18 часот нема да биде дозволено паркирање и влез на автомобили во кругот на комплексот. Ќе се пропуштаат само возила на итната медицинска помош. –Затоа апелираме до сите граѓани, кои во тој временски интервал ќе имаат потреба од медицинска услуга, а со цел побргу да ја добијат истата да се упатуваат кон Градската општа болница „8 септември“ и Универзитетската клиника „Свети Наум Охридски“ . Нагласи дека овие две големи јавно-здравствени установи ќе работат со полн капацитет и целосна мобилност со цел да одговорат на потребите на граѓаните.

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во рамки на Универзитетските клиники ќе биде достапна за пациентите, како и Клиниката за детски болести, а ќе може да се пристапува од задниот влез на Клинички кај хотелот „Тасино чешмиче“. Граѓаните кои имаат закажано прегледи на системот „Мој термин“ за утре добиле порака за нивно презакажувано од 8 мај натаму. Безбедноста ќе биде на највисоко ниво, ангажирани се сите капацитети на МВР, а портпаролот на Министерството Тони Ангеловски посочи дека преземени се сите безбедносни мерки согласно стандардите при посета на папата на една држава. Граѓаните кои живеат или работа во центар Светата литургија ќе можат да ја следат само од плоштадот со билет и нема да смеат да излегуваат на прозорците или балконите.

Ангеловски информираше за посебниот сообраќаен режим во појасот голем  ринг во централното градското подрачје. Утре од 6 часот наутро до  19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и истиот ќе биде пренасочен кон сообраќајниците околу центарот на Скопје. Сообраќајот за автомобили целосно ќе биде затворен на следните сообраќајници – „11 Октомври“од крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „Димитрие Чуповски“, улица „Даме Груев“, улица „Македонија“, „Васил Главинов“, „Филип Втори Македонски“, „Свети Климент Охридски“, „Иљо Војвода“. Сообраќајот ќе биде затворен и на булеварот „Мајка Тереза“ (поранешна Водњанска) од 8:15 до 10:15 и во попладневните часови. Ангеловски упати апел сите кои ја користат оваа сообраќајница тоа да го сторат до осум часот, сообраќајот нема да има прекин но по осум часот ќе биде пренасочуван по споредните улици. Непречено одвивање на сообраќајот за време на посетата на папата ќе има на булевар „Кочо Рацин“, улица „11 Октомври“од крстосницата со булевар „Кочо Рацин“ до крстосницата со улица „Борис Трајковски, „Свети Кирил и Методиј“, булевар „Свети Климент Охридски“, булевар „Партизански одреди“, улица „Самоилова“ и булевар „Гоце Делчев“.

Граѓаните кои живеат во централното градско подрачје доколку сакаат да ги користат своите возила утре мора да ги извадат надвор од рестриктивната зона во текот на денешниот ден, во спротивно нема да можат да ги користат за време на посебниот сообраќаен режим. Сите паркинзи на општина Центар и на Град Скопје ќе бидат бесплатни од денеска по 17 часот и во текот на утрешниот ден. Ангеловски упати апел до граѓаните утре да го користат јавниот градски превоз. Посебни сообраќајни правила има и за движење од меѓународниот аеродром „Скопје“ до централното градско подрачје од 7:30 до 9:00 и од 17:00 до 18:30 сообраќајот по булеварот „Александар Македонски“од излезот на Скопје од Автокоманда кон аеродромот ќе биде затворен  во двете ленти и ќе биде пренасочен преку споредни сообраќајници. На трасата Велес– Скопје во овој временски интервал сообраќајот за влез и излез во градот ќе се одвива преку трасата Миладиновци-Идризово-Маџари. На трасата Куманово Скопје на клучката Миладиновци сообраќајот ќе се пренасочува од обиколницата во Скопје на која прв дозволен влез ќе биде клучката кај Радишани. На трасата Куманово-Велес има кус застој на сообраќајот. Апел до сите граѓани кои на 7 мај имаат лет да се упатат кон аеродромот еден час порано од предвиденото, бидејќи движење по споредните сообраќајници може да трае подолго од планираното. Сите кои тој ден патуваат кон Скопје тој ден да го користат железничкиот сообраќај, порача Ангеловски и додаде дека тој е бесплатен. Во однос на товарниот сообраќај сите камиони од 22 часот денеска до 18:30 часот утре да ја користат обиколницата околу Скопје, а во градот ќе бидат пропуштани само камионите, кои се упатуваат во шпедиција. Посебни правила има и за движењето на пешаците во градско подрачје движењето. Ангеловски напомена дека зоната ќе биде строго обезбедувана, сите граѓани кои ќе пристапат во оваа зона од 6:00 до 19:00 ќе мора да се идентификуваат со важечки документи за идентификација. Во малиот ринг ќе се пристапува преку осум влезови на кои МВР ќе врши безбедносни проверки на сите граѓани и проверка на лични карти и пасоши. Влезови ќе има кај Управен суд на „Орце Николов“, хотел Мериот улица „Максим Горки“, кај Тренд кафе на улица „Димитрије Чуповски“, кај Министерството за финансии на улица „Даме Груев“, кај завод за статистика на улица „Даме Груев“, кај Пелагонија на улица „Димитрие Чуповски“, кај порта Македонија на улица „11 Октомври“, влезот на предната страна од ГТЦ кон плоштадот. Сите кои ќе се упатат кон плоштадот за учество на Светата литургија треба да пристапат кон својата зона на влез, која им е одредена на билетот, кој треба да се чуваат до крајот на литургијата.

Пешачките мостови на Вардар, Камениот мост, мостот Око и мостот на уметноста ќе бидат целосно затворени за движење како и Кејот 13 ноември од двете страни на реката.