
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека над 1.200 онколошки пациенти аплицирале на повикот со кои Град Скопје обезбедува финансиска поддршка болните граѓани.
„Сите онколошки пациенти кои побараа помош, се исплатени. Моменти кога човечноста не се мери со тоа што ќе го кажеме, туку со тоа дали ќе подадеме рака кога некому му е најтешко. Токму затоа, со чувство на огромна одговорност и искрена грижа, обезбедивме финансиска поддршка за нашите сограѓани кои ја водат една од најтешките животни битки“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека секоја апликација била обработена со максимална посветеност и внимание, а исплатата за сите кои ги исполниле условите била завршена денес или ќе биде во текот на наредниот ден.
Воедно додаде дека повикот сѐ уште е отворен и дека може да се аплицира.
„Зад секоја тешка битка постои заедница која знае да сочувствува, да помогне и да биде тука кога е најпотребно. Болеста може да го направи патот тежок, но не смее да ја одземе надежта. Наша човечка и институционална обврска е да бидеме покрај нашите сограѓани не само со зборови, туку со конкретни дела, грижа и поддршка. Затоа што во најтешките мигови, најважно е човек да знае дека не е сам“, порача градоначалникот.