Повеќе од 100 семејства се наоѓаат во безизлезна ситуација затоа што не можат да се вселат во своите станови кои ги купиле во зградата „Порта Резиденс 1“ во населбата Аеродром, иако последниот рок за предавање на зградата бил 31.05.2022 година.
Граѓанин, кој купил стан во оваа зграда, за „Скопје Инфо“ открива дека досега добиле безброј ветувања од компанијата „Порта Инженеринг“ за тоа кога може да се вселат во зградата во Аеродром, но една година подоцна сè уште не добиле клучеви од своите домови.
Проектот според договорот требало да биде готово до 31 мај минатата година, но тоа не се случило, а потоа од компанијата им дале нови рокови на станарите кога ќе можат да се вселат во становите, меѓутоа и тие рокови биле прекршени.
- Над 100 семејства се наоѓаат во безизлезна ситуација за зградата „Порта Резиденс 1“ во населба Аеродром, проект на градежната компанија „Порта Инженеринг“. Во текот на изминатата 2022 година од страна на компанијата ни беа дадени безброј ветувања и лажни рокови за вселување, со што истите не беа ни во најмала рака исполнети. Последен изговор, кој компанијата го дава речиси пола година, е тоа што немаат набавено плочки, со што проектот е ставен во драстична стагнација, вели тој за „Скопје Инфо“.
Семејствата се жалат дека во последните неколку месеци од компанијата имаат прекинато секаков контакт со нив и повеќе не им се јавуваат на телефонските повици.
- И покрај самото доцнење на проектот, постои голема непрофесионалнот од страна на оваа компанија во нивниот однос со нас станарите, во последните неколку месеци надлежните за овој објект имаат прекинато секаков контакт со нас станарите со тоа што повеќе не креваат на телефон. Единствена опција за контакт се канцелариите од каде што не добиваме никакви валидни информации и од каде што нè пренасочуваат до горе наведените надлежни кои имаат целосно прекинато контакт со нас. Исто така имавме обид да добиеме одговор на мејл со што „Порта Инженеринг“ ги избегна сите круцијални прашања за било каков рок за вселување и ни ги наведе веќе неколку пати дадените изговори во врска со доцнењето на градбата, се жалат семејствата.
Проблем за дел од станарите е тоа што мора да живеат под кирија и со тоа им се создава дополнителен трошок, иако главна причина за тоа е доцнењето на градбата од страна на компанијата.
Станарите мора да плаќаат кирии и кредити за становите, а од компанијата „Порта Инженеринг“ не им понудиле никаков паричен надоместок поради тоа што доцни градбата на зградата „Порта Резиденс 1“.
- „Порта Инженеринг“ е една урбана мафија која си игра со животите на многу семејства и која во вакви економски околности ги става тие семејства на разни ризици. До сега ниту еден станар од овој објект нема добиено никаков паричен надоместок за едногодишното доцнење. Дел од засегнатите семејства се уште живеат под кирии и плаќаат кредити за становите што нема да бидат готови ни во јуни 2024, велат тие за „Скопје Инфо“.
Од нашата редакција „Скопје Инфо“ се обидовме да ги контактираме во „Порта Инженеринг“ и испративме прашања на 27 јуни 2023 година, меѓутоа до објавување на овој текст не добивме одговор од компанијата.