Националниот театар од Букурешт со „Меџик нешнл“ гостува на „Охридско лето“

После премиерната изведба на „Сон на летната ноќ“ на Народниот театар од Битола, драмската програма на 57.издание на „Охридско лето“ продолжува со уште една интересна содржина – концертната претстава „Меџик нешнл“ во изведба на Националниот театар „И. Л. Карагиале“  од Букурешт.

Кога станува збор на „Меџик нешнл“, може да се каже дека тоа не е класична театарска претстава, туку своевидно концертно шоу, поставка на режисерот Кон Карамитру која ветува и нуди едно поинакво музичко-театарско доживување.

Романскиот национален театар во оваа поставка се смее, пее и танцува, давајќи и на публиката можност да се осврне кон радоста на една вечно нова и носталгична музика. Со ретро провејување, но во современ ритам, концерт-шоуто ќе донесе на сцената познати актери, без маски, само со музика.

Шоуто ќе ја донесе Едит Пјаф, мајсторски испеана од страна на Анка Сигартау, ќе ја претстави Тања Попа во страсни фрагменти од обемниот руски репертоар, а нишки од борбениот Букурешт ќе одекнат од романсите, мистериозно пренесени од Ајлин Кадар. Mедееа Маринеску и Мариус Маноле ќе предложат една уметничка одисеја што ќе ги оддели гледачите од здодевното секојдневие и ќе ги понесе во светот на музиката која го топли срцето и прошепотените зборови. Иштван Теглас, Едуард Адам и Лари Гиоргеску ќе раскажуваат приказни за животот и уметноста, кои не можат да се опишат со зборови – пантомима, импровизација и кореографија. Најмладите учесници, Емилијан Mарнеа, Петре Aнкута и Флорин Калбајос ќе изненадат со најкусиот, највеселиот и најритмичкиот концерт придружени од дузина инструменти.

Режисерот Јон Карамитру е роден на 9 март 1942 год. во Букурешт.Тој е романски актер, режисер и политичка фигура. Бил министер за култура во периодот од 1996 до 2000 година. Дипломирал на Институтот за театарска и филмска уметност „И.Л. Карагиале“ во 1964 година. Неговото име се појавува во повеќе од 30 филмови, почнувајќи од 1964 година, па сè до 2004 година. Негови најпознати улоги се во филмовите: „Утрата на доброто момче“ (1966), „Залената трева на домот“ (1978), „Стефан Лучијан“ (1981), и „Средношколци“ (1985-1987), како и многу помали улоги во странски филмови.

Директор е на Националниот театар „И.Л Карагиале“ во Букурешт од јуни 2005 година. Претседател е  на УНИТЕР – Унија на  романски театри –  од 1990 година. Од 1990 до 1993 година работи како директор на театарот „Лучија Стурѕа Буландра“ во Букурешт. Номиниран е и наградуван за повеќе негови остварувања и улоги.

За настапот на романскиот Национален театар резервирана е фестивалската сцена во Предворјето на катедралната црква „Света Софија“, а почетокот е закажан за од 21 часот.