
Избрана е потенцијалната локација за националниот дата-центар – најверојатно во близина на двете скопски технолошко-индустриски зони. Парцела на која нема плодно земјиште, но имa доволно простор доколку во иднина Владата одлучи да изгради и фотонапонска централа од каде податочниот центар би добивал електрична енергија, објави Сител ТВ.
„Се наоѓа во близина на Градот Скопје, во близина на Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 и 2, се наоѓа во близина на автопат, во близина на оптичка линија, така што најверојатно центарот за податоци ќе биде сместен таму“, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Изградбата на Националниот дата-центар ќе се финансира со државни пари, но има и 30% грантова компонтента. Владата сега има задача да најде меѓународен финансиер, со оглед на тоа што иако разговараше со Светска Банка, поради некомпатибилност со барањата на ЕУ, Светска банка нема да може да ги обезбеди парите.
„Разговараме со различни финансиери коишто се компатибилни со барањата на Европската Унија за ваков вид на проекти. Овој процес е нов и за ЕУ. Планот за раст е една нов механизам којшто тие го користат за финансирање. Така што, тоа ќе бидат некои од меѓународните финансиски институции. Ние имаме добра соработка со голем дел од нив. Не сме имале проекти досега, имаме само еден со кој сме во напредна фаза на дискусија со Банката на Советот на Европа. Така што, разговараме со нив, разговараме со други некои потенцијални финасиери. Ќе видиме во периодот којшто следи од кого ќе добиеме најдобра понуда и кој ќе биде заинтересиран за соработка“, вели Андоновски.
Парите за Национален дата-центар се фиксни – 20 милиони евра. 70% од нив ќе одат за самата изградба на објектот, 30% за опремата. Од почетокот на изградбата, до неговото пуштање во употреба ќе бидат потребни околу две – две и пол години.