Национална работна група ќе врши анализа и ревизија на перинаталните смртни случаи

Новоформираната Национална работна група за анализа и ревизија на перинаталната смртност започна со подготовки за спроведување редовни систематски контроли на сите перинатални смртни случаи во иднина.

Ова е новата мерка што ја воведе Министерството за здравство за подобрување на здравствената заштита на мајките и децата преку систематско собирање и анализа на податоци за да креира интервенции врз основа на докази, информираат од УНИЦЕФ.

– Во моментов, податоците за смртноста не вклучуваат сеопфатен преглед на сите веројатни причини за смртта. Со оваа мерка ќе се обезбеди систематски да собираме и да анализираме податоци за основните причини, како и да примениме интервенции за подобрување на здравствениот систем и квалитетот на здравствената заштита врз основа на докази, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Работната група ќе користи стандардна методологија и пакети за обука изработени од Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) за спроведување систематска ревизија на смртните случаи. Пакетот му беше претставен на тимот, вчера во текот на воведната работилница поддржана од УНИЦЕФ.

– Во земјата има одлични здравствени работници, но лекарите и медицинските сестри се добри само онолку колку што е добар системот во кој работат. Не само што треба да се воспостават меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на докази со кои се уредени повеќето европски здравствени системи, туку и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применат во пракса, рече  Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Работната група е составена од висококвалификувани професионалци, вклучувајќи гинеколози од примарната здравствена заштита и породилните одделенија, неонатолози, педијатри, епидемиолози, акушерки, социјални работници и статистичари, со цел при ревизијата да се разгледаат сите аспекти на можните причини за смрт – вклучувајќи ги и оние поврзани со здравствениот систем, здравјето на мајката и социјалните аспекти на здравственото однесување.

Во подготвителната фаза за својата работа, со помош на стандардна методологија, работната група ќе спроведе ревизија на скорешни случаи на перинатална смрт. Се предвидува таа да врши рутинска ревизија на сите идни смртни случаи и да доставува посебни извештаи до Министерството за здравство со препораки за промени во политиките и зајакнување на здравствениот систем.

Формирањето на работната група и воведувањето на систематско прибирање и анализа на податоците за перинатална смртност се едни од мерките усвоени од Министерството за здравство за подобрување на здравствената заштита на мајките и децата. Други мерки вклучуваат мапирање на здравствените установи и нивните ресурси, изработка на стандарди за породилните одделенија, воспоставување систем за редовна ревизија на смртноста кај мајките, како и воспоставување систем за транспорт на новороденчиња со соодветни стандарди, протоколи и упатства.

Перинаталната смртност – фетална смрт (мртвородено) по 154 дена од бременоста и неонатална смрт во првите 28 дена од животот – се користи за мерење на квалитетот на здравствената заштита. Во Северна Македонија, последните достапни податоци (од 2016 година) покажуваат стапка на перинатална смртност од 16/1000 живородени деца, што е над просекот од земјите-членки на ЕУ од 6/1000 живородени, ситуација која ги вознемири здравствените работници и јавноста и предизвика забрзани напори за подобрување на состојбата, се наведува во соопштението од УНИЦЕФ.