Началникот на ГШ на романската Армија на средби со Шекеринска и генерал Ѓурчиновски

Делегација на Вооружените сили на Романија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Даниел Петреску, во рамки на еднодневната официјална посета на Република Северна Македонија, денеска престојуваше во Генералштабот на Амијата и Министерството за одбрана.

Од Генералштабот на Армијата информираат дека по церемонијата за пречек со високи воени почести, согласно протоколите за Ковид-19, генералот Петреску имаше прием кај својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што оствари средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

На средбата со генералот Ѓурчиновски, како што се посочува во соопштението, е разговарано за досегашната билатерална соработка помеѓу двете сојузнички НАТО армии и можностите за нејзино понатамошно унапредување, особено во областите на заеднички интерес од доменот на обука и вежби и военото образование.

Од Генералштабот на Армијата потенцираат дека на средбата со Шекеринска, на која присуствувала и амбасадорката на Романија во земјава, Адела Моника Аксинте, министерката дала поддршка за учество на Армијата на Северна Македонија во командата на Мултинационалниот корпус – југоисток, со седиште во Романија.

– Посетата на началникот на генералштабот Петреску во време на пандемија го покажува цврстото единство на сојузниците и е силен поттик за проширување на соработката, рече министерката Шекеринска.

За време на официјалниот состанок, делегацијата од ВС на Романија беше запознаена со процесот на трансформација и модернизација на Армијата на Република Северна Македонија и досегашниот придонес и учество на нејзините припадници во меѓународните вежби и мисии предводени од НАТО.

Воедно стана збор и за капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ каде ќе се изведува претстојната вежба „Одлучен удар 21“, како дел од големата вежба на НАТО „Defender Europe 21” чии активности се изведуваат во 16 земји на Европа, меѓу кои и во Романија.

Генерал-потполковникот Петреску, за време на посетата, оствари средба и со претседателот и врховен командант Стево Пендаровски, a ќе посети и дел од единиците на Армијата стационирани во касарната „Илинден“, при што ќе присуствува на изведба на показна вежба од страна на Баталјонот за специјални сили. Тој ќе го посети и Центарот за обука за пилоти каде ќе му бидат претставени капацитетите и можностите на овој современ центар за обука на пилоти на хеликопери.

Досегашната соработка на Армијата на Република Северна Македонија со Вооружените сили на Романија, која започнува од 1998 година, се развива преку експертски средби, заедничко учество на вежбовни активности и обука, соработка во военото образование и учество во регионални иницијативи и форуми.

Северна Македонија и Романија се членки на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа – СЕДМ, на Форумот – „Конференција на началниците на ГШ на балканските земји за воена соработка“ – Б9 и во центарот за безбедносна соработка „RACVIAC“