На жителите од отсечените села на Скопска Црна Гора со хеликоптер им е доставена храна

Центарот за управување со кризи (ЦУК), во координација со АРМ и со припадници на Црвениот крст со хеликоптер на Армијата им доставија прехранбени продукти и други неопходни средства на жителите на селата Танушевци, Брест и Малино Маало.

„Екипите на тимовите што ги координираше ЦУК до овие населени места, кои се отсечени поради обилните снежни врнежи, пристигнаа со хеликоптер на АРМ и остварија контакти со населението и заради утврдување на нивните потреби од здравствени интервенции“, соопштија од Владата.

Во акцијата учествувале и стручни лица од ЕВН Македонија заради проверка на далноводот, за санирање на проблемите со електричната енергија.

Овие три села на Скопска Црна Гора речиси една недела се отсечени по обилните снежни врнежи.