На Водно му се заканува нова комерцијализација

Водно – гордоста на скопјани и, во последниве години, место каде скопјани се напојуваат со чист воздух, подалеку и повисоко од штетните пм-честички.

Се издига над Скопје до 1.061 метар надморска височина и токму затоа оттука може да се види цело Скопје како на дланка. Водно е зарубавено со Милениумскиот крст, манастирскиот комплекс Св. Пантелејмон, а располага и со парк – шума, планинарски домови, повеќе угостителски објекти, со уредени патеки за планинарење и широки панорамски погледи, но и паркиралишта за автомобили. Екоактивистите и ентузијасти кои умеат да го цнат, чуваат и сакаат Скопје, постојано нагласуваат дека Водно треба да се доживее на еколошки начин, а тоа најмалку подразбира да го паркирате автомобилот што повисоко на врвот.

Од Иницијативата „Зелен хуман град“ велат дека во последните години се одвива деградација на Водно.

„Од изградбата на гасовод преку планината, преку криминалната урбанизација на неговото подножје (која се движи се погоре и погоре), па се до последната епизода - узурпацијата на децениското прибежиште на планинарите на врвот за приватни и комерцијални интереси“, велат оттаму.

Најновиот предлог на платформата #МојГрад бара забрана на пристапот со автомобили и други моторни возила до врвот на Водно, што неизбежно ќе стане масовна пракса со отворањето на мега ресторан на местото на планинарскиот дом.

„Ова мора да биде барем почетна мерка, како вовед во сеопфатна стратегија за заштита на ова подрачје, кое е од толкаво значење за скопјани. Ни истекува времето да ги спасиме белите дробови на Скопје од уништување! “ – велат активистите кои ги повикаа сите скопјани да гласаат овој предлог да биде разгледан од Советот на Град Скопје на следната седница.

Својот глас може да го дадете на следниов линк.

Водно ќе остане парк шума, мир и прибежиште за планинарите и дом за животинскиот свет, без бука и загадување, без автомобили од кои секако сме пренатрупани во градот, не мора и горе.