
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за Канал 5 ги презентираше клучните аспекти од изработката на ДУП-от „Барутана”, потенцирајќи дека новиот план не го зголемува, туку значително го намалува обемот на градење и воведува јасни правила за заштита на просторот на Водно.
Со планот ќе се дозволи изградба на 25 нови објекти на скоро 30.000 квадратни метри на Водно.
Како што рече тој, со факти ги демантира сите шпекулации и ширење хистерија, околу наводно зголемување на обемот на градење во ДУП „Барутана“.
- Вистината е поинаква: со новиот нацрт-план вкупната дозволена изградба се намалува за 33%, од 43.429 м² на 29.459 м². Дополнително, максималната изграденост е ограничена на 40% и зелените површини се зголемуваат на 40%. Овие строги параметри се гаранција за безбедност, контролиран развој и спречување на какви било несакани урбанистички сценарија, како што беше случајот со „Панорамика“, порача Герасимовски.
- Нацрт планот е изработен врз основа на Генералниот урбанистички план кој е втемелен врз темелни стручни анализи, теренски снимања и физибилити студии, кои ја земаат предвид и ерозивноста на теренот, појаснува првиот човек на Центар.
Планското уредување, според Герасимовски, обезбедува стабилност и безбедност.
- На сите кои предупредуваат за можна ерозија, им порачувам: токму непланското и дивото градење ја предизвикува ерозијата, наспроти планското, контролирано и стручно урбанистичко решение во нацрт ДУП-от, вели Герасимовски.